Вчера Словенија ја доби првата жена претседателка во историјата, откако во вториот круг од претседателските избори Наташа Пирц Мусар го победи својот противкандидат Анже Логар.
После преброените 80 отсто од гласовите, познатата словенечка адвокатка доби 54 отсто од гласовите, а поранешниот шеф на дипломатијата од владата на Јанез Јанша 46 отсто.
Логар во првиот круг од изборите пред три недели доби најмногу гласови. За него гласаа 33,95 отсто од гласачите, додека за Пирц Мусар, на второто место, се изјаснија 26,88 отсто.
Двајцата кандидати го поддржуваат влезот на Хрватска во Шенген зоната, но и спроведувањето на одлуката на арбитражниот суд за границата која ја сметаат за валидна.
Освен тие двајца, за функцијата претседател на републиката се натпреваруваа уште пет кандидати – Милан Брглез, Јанез Циглер Краљ, Миха Кордиш, Владимир Пребилич и Сабина Сенчар.
Словенија така ја доби својата прва жена претседател, која во декември ќе го замени Борут Пахор, по неговите два претседателски мандати.
Мусар победата ја дочека во Руска дача, на нејзиниот имот во близина на Љубљана, каде се собраа околу 150 нејзини симпатизери и соработници.
„Словенија заслужува одлучна, праведна и срдечна претседателка, подготвена за дијалог. Граѓаните, во овие пет месеци додека патував низ Словенија, ми велеа дека сакаат политички независен претседател и мило ми е што кампањата помина во пристојна атмосфера. Како претседател ќе работам за доброто на сите граѓани. Во Словенија никој не смее да се остави сам“, беше првата реакција на Пирц Мусар, која се кандидираше како независен кандидат.
Овие претседателски избори се седми во историјата на независна Словенија.
Во два петгодишни мандати претседател беше Милан Кучан, по него со Словенија претседаваа Јанез Дрновшек и Данило Туерк, а потоа во два мандата Борут Пахор.
Пирк Мусар стана позната во регионот откако ги претставуваше Меланија Трамп и нејзиниот татко Виктор Кнавс. Кариерата ја започнала во Врховниот суд, по завршувањето на правниот факултет и продолжила како новинар во Телевизија Љубљана, каде ги водела главните вести.
Во меѓувреме докторирала во Виена, а работела за водечки светски ТВ куќи, а била и претседател на словенечкиот Црвен крст. Сега води позната адвокатска канцеларија во Љубљана, а ја нарекуваат и „челичната дама“.
Тврди дека на педесет и четири години има сила да го промени словенечкиот општествен и политички простор, остро поделен и конфронтиран меѓу десницата и левицата. Во слободното време ужива во возењето на својот мотор од Љубљана до Блед.
(Фото: Би-Би-Си)







