Александар Наумоски, кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров од СДСМ и коалициските партнери, денеска најави дека ќе се залага за развој на спортот во општината за што како што кажа новата администрација ќе нуди помош и поддршка.
„Спортските друштва и поединците од Ѓорче Петров беа некогашна гордост, не само на општината, туку и на Скопје и Македонија. Денес спортот во општината е сведен на стихијно и неорганизирано работење.
„Новата администрација ќе обезбеди финансиски надомест за сите спортски работници кои ќе работат со младински категории. Целта е што поголем број деца да се запишат бесплатно во спортските клубови.
„Ќе обезбедиме пари за стипендии и кредити за школување на перспективни млади спортистки по предлог на општинскиот спортски совет и спортските сојузи и клубови, рече Наумоски и нагласи дека квантитетот раѓа квалитет.
Планираме, посочи, формирање на Совет за спорт во општината што системски ќе прави анализи за унапредување на масовниот и индивидуалниот спорт со предлагање на мерки, програми и акциски планови.
Тој додаде, ќе има значајна улога во предлагање и усвојување на реален и развоен буџет за спортот.
Наумовски вети поддршка за сите постојни спортски клубови во општината.







