Повеќе од половина од жителите на Европската унија се сомневаат во вистинитоста на информациите на Интернет, а девет од десет граѓани сметаат дека треба да се преземат поодлучни мерки против ширењето на дезинформации на социјалните мрежи, покажува студијата презентирана вчера.
Дури 85 отсто од анкетираните граѓани оцениле дека властите мора поактивно да се борат против намерното ширење на лажни вести и фалсификувани содржини, покажува истражувањето на германската Фондација Бертелсман (Bertelsmann) во рамките на проектот „Надгради ја демократијата“ (Upgrade Democracy).
Дека таква обврска треба да имаат и операторите на социјалните мрежи сметаат дури 89 отсто од учесниците во анкетата, а очекувањето поостро да се интервенира укажува на тоа дека граѓаните се многу свесни за проблемот со ширење дезинформации, оценуваат авторите на студијата која се заснова на опсежна анкета во сите земји-членки на Европската унија.
Анкетата на која се базира студијата беше спроведена во март 2023 година низ цела ЕУ меѓу 13.270 лица на возраст од 16 до 70 години.
Истражувањето покажа дека секој втор учесник во анкетата многу често не е сигурен дали е вистина некоја информација на Интернет (54 проценти).Само 39 отсто од анкетираните изјавиле дека секогаш се внимателни кога читаат некоја информација и дека се свесни за дезинформациите.
Без разлика на свеста за постоење на дезинформации и желбата да се преземат построги мерки, помалку од половина од граѓаните (44 отсто) рекле дека веќе во некоја прилика провериле некои информации во чија вистинитост се посомневале.
22 проценти од анкетираните рекле дека пријавиле некоја информација која ја препознале како лажна, или ги предупредиле другите.
Сепак, студијата покажа дека важна улога имаат возраста и образованието, и дека помладите и пообразованите луѓе се поспособни да препознаваат лажна вест, поактивно да се однесуваат кон содржината на информациите на Интернет и да преземаат мерки против дезинформациите.
Авторот на студијата и експерт за демократија и кохезија во Фондацијата Бертелсман, Каи Унцикер, оцени дека „способноста за препознавање и запирање на ширењето на лажните вести не би смеела да зависи од возраста и степенот на образование“.
Тој рече дека студијата „Надгради ја демократијата“ покажува дека колку повеќе социјални платформи и канали граѓаните редовно користат, толку е поголема нивната способност да препознаат лажна вест.
„Дезинформациите особено често беа регистрирани и пријавувани од корисниците на Твитер и Телеграм“, рече Унцикер.
Студијата покажува дека постојат големи разлики во ставот на граѓаните за ефектите од социјалните платформи.
Додека 30 отсто очекуваат главно негативни, а 28 отсто позитивни ефекти, 42 отсто очекуваат и негативни и позитивни последици.
Значајни се и разликите меѓу членките на ЕУ – порезервиран став преовладува во Франција, Белгија, Холандија и Германија, а значително е попозитивно мислењето на Полјаците за влијанието на социјалните мрежи врз демократијата.
„Сигурните информации се основа за градење на издржан став, а со тоа и за демократска комуникација.Луѓето во Европа чувствуваат страшна несигурност за тоа на кои дигитални медиуми сè уште можат да им веруваат, а кои свесно и намерно манипулираат со граѓаните.Оној кој сака да ја заштити и зајакне демократијата, не смее да ги остави граѓаните сами да се соочат со предизвикот на дезинформациите“, истакна Унцикер.
Фондацијата Бертелсман затоа ја советува Германија и другите европски земји да изградат систематски мониторинг во кој би учествувале научници и граѓанското општество за полесно да се разоткријат и обележат дезинформациите. Исто така, за оваа борба потребна е регулатива која би се движела „од горе надолу, но и градење на компетентност која би почнала од дното“.







