Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска во видео-пораката објавена на неговата страница на Фејсбук информираше дека нафтоводот „Дружба“ веројатно повторно ќе биде пуштен во скоро време, бидејќи самиот нафтовод не е оштетен.
Снабдувањето со нафта за делови од Источна и Централна Европа преку „Дружба“ беше привремено прекинато, соопштија операторите на нафтоводот во Унгарија и Словачка.
Унгарскиот „МОЛ“ објави дека нејзиниот украински партнер ја информирал компанијата дека руска ракета погодила електрана, во близина на границата со Белорусија, која ја снабдува со електрична енергија пумпната станица, што довело до прекин на работата.
Словачкиот „Транспетрол“ го потврди прекинот на протокот на нафта, заради, како што наведе, „технички причини од украинска страна“, но не го спомна ракетниот напад.
„Донекаде смирувачка вест е што според сегашните информации, самиот нафтовод ‘Дружба’ не е оштетен, туку само еден елемент од инфраструктурата што управува со него – електраната“, рече Сијарто.
Поправката на тоа, додаде тој, очигледно е полесно, отколку кога би бил погоден самиот нафтовод, така што тоа веројатно може да се направи во краток рок.
Сијарто повтори дека Унгарија има доволно резерви на нафта и дека снабдувањето на земјата не е загрозено.







