Државното обвинителство во западниот германски град Гисен денеска покрена обвинение против 98-годишен поранешен чувар во концентрациониот логор Заксенхаузен.
„Обвинетиот се товари дека извршил кривично дело помагање и поттикнување на 3.500 убиства како чувар во логорот Заксенхаузен, близу Берлин, помеѓу јули 1943 и февруари 1945 година“, соопшти канцеларијата на јавното обвинителство во Гисен.
Тој, се наведува во обвинението, „ја поддржал ужасната и подла смрт на илјадници затвореници во логорот“.
Дали ќе има судење ќе одлучува судот за малолетници во Ханау, имајќи предвид дека обвинетиот во времето кога се случиле злосторствата бил „помлад полнолетен“.
Психијатриското вештачење од октомври минатата година утврдило дека обвинетиот, иако денес во поодминати години, е „делумно“ способен за судење.
Минатата година, 101-годишен маж, поранешен чувар во Заксенхаузен, беше осуден на пет години затвор, но умре оваа година пред да замине на отслужување на казната.
Во логорот Заксенхаузен, што е на триесетина километри северно од Берлин, од 1936 до 1945 година, биле затварани главно противниците на националсоцијалистичкиот режим.
(Фото: Меморијалниот центар во Заксенхаузен / Профимедиа)







