Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Тобиас Елвуд се обиде со своето медицинско знаење да го спаси животот на полицаецот кој е прободен со нож пред зградата на парламентот заради што британските медиуми го прогласија за херој.
Педесетгодишниот Елвуд е поранешен војник кој минал и медицинска обука. На тешко ранетиот полицаец прв му дошол на помош и се обидел да му го спаси животот со вештачко дишење и запирање на крвта притискајќи му ја раната.
Но, ниту тој ниту Итната медицинска помош која подоцна пристигнала не успеаја во намерите да го спасат полицаецот.
На социјалните мрежи се вртат фотографиите на очајниот Елвуд, на чие лице има крв, извесно време откако лекарите ја констатираа смртта.
„Јас сум сведок. Бев до него кога почина и затоа не смеам ништо да говорам. Бев присутен во моментот на нападот и откако сфатив што се случи се упатив кон него. Ова е голема трагедија. Се обидов да го сопрам крварењето и да му дадам вештачко дишење додека ги чекав лекарите, но мислам дека загуби многу крв. Имаше повеќе рани, под раката и на грбот. Колку што сфатив, напаѓачот исто така почина. Не можам повеќе да зборувам за да не влезам во неволја. Многу е тажно“, им изјави Елвуд на новинарите.
Британските медиуми и социјалните мрежи го слават како „апсолутен јунак“ во нападот во Лондон.
Инаку, братот на Елвуд, Џонатан загина на триесет и деветгодишна возраст на Бали, во бомбашкиот напад на милитантната организација Џемах Исламиах









