Во текот на денешниот ден, веројатно до вечер Грција ќе ја испрати Вербалната нота до Македонија. Останати се некои дипломатски детали за нотата од Атина да се испрати за Скопје и тоа треба да се случи набргу.
Утре пак во Брисел, на маргините на Самитот на минстрите за одбрана на НАТО, средба ќе одржат Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис, министрите за одбрана на Македонија и Грција. Не е исклучена можноста, освен што ќе биде средба за запознавање, Апостолакис да и предложи на Шекеринска, токму Грција да ја обучува македонската војска.
Во претседателската палата во Атина денеска се одржа прием во чест на дипломарскиот кор. Вкупно 90 амбасадори и дипломати, меѓу кои и вршителот на должност во Канцеларијата за врски на Р. Македонија во Грција, Лидија Бошковска, беа пречекани и поздравени од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос и грчкиот премиер Алексис Ципрас.
На приемот, освен дипломатскиот кор и Павлопулос и Ципрас, присутни беа голем број министри од грчката Влада, меѓу кои и алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, министерот за одбрана Евангелос Апостолакис и неговиот заменик, Панајотис Ригас, замениците шефови на грчката дипломатија, Маркос Боларис и Теренс Куик,министерката за цивилна заштита, Олга Геровасили, министерот за поморство, Фотис Кувелис, но и поранешни шефови на дипломатијата и поранешни претседатели на грчкиот парламент.







