Туберкулозата сега е најзаразната болест на планетата, надминувајќи ги Ковид-19 и СИДА-та, бидејќи секој ден одзема 4.000 животи, од кои 700 се детски, изјави претставник на Обединетите нации.
Највисоките претставници на светската организација и лидерите на здравствената индустрија се обидуваат да се справат со алармантниот скок на бројот на заболени од туберкулоза, за што придонесува големиот број случаи на оваа болест во воените зони, како што се оние во Украина и Судан.
Според зборовите на извршната директорка на организацијата „Стоп за туберкулозата“, Луиз Детау, пред пандемијата со ковид-19, не е забележано драматично зголемување на заболувања од туберкулоза.
„Но, после ковидот, го воочивме типот на туберкулоза каков што гледаме во филмовите, во кои луѓето искашлуваат крв, многу се слаби и се изнемоштени“, истакна Детау.
Како и ковидот, и туберкулозата се пренесува преку воздухот.
Детау рече дека економските последици од ковидот и војните, особено во Украина и сега во Судан, имаат „огромно влијание“ врз напорите за лекување на луѓето кои се заразиле со туберкулоза и дијагностицирање на нови случаи.
„Украина има најголем број луѓе за кои се проценува дека имаат туберкулоза во цела Европа – 34.000, а исто така и најмногу заболени кои се отпорни на лекови за туберкулоза“, им изјави Детау минатата недела на новинарите.