На Волстрит вчера се тргуваше внимателно, при што СиП 500 и Дау Џонс индексите благо пораснаа, додека Насдак ослабе втор ден по ред заради шадот на акциите на неколку големи технолошки компании.
Дау Џонс зајакна за 194 поени или 0.55 отсто, на 35.813 индексни поени, а СиП 500 за 0.17 отсто, на 4.690 поени. Насдак индексот, пак, падна за 0.50 отсто, на 15.775 поени.
Меѓу најголемите загубари вчера беа акциите на „Тесла“, „Мајкрософт“ и други големи технолошки компании затоа што вложувачите одлучија да ги продаваат акциите кои се чуствителни на растот на каматните стапки.
Од друга страна, со оглед дека се очекува раст на каматите, пораснаа цените на акциите на банките, а благодарение на растот на цените на нафтата зајакна и енергетскиот сектор.
Во понеделникот претседателот на Америка, Џо Бајден, го именуваше Џероми Пауел за директор на Фед. Тоа е втор мандат на Пауел на чело на Фед, што значи дека не би требало да дојде до нагли промени во монетарната политика додека економијата заздравува од корона кризата.
Меѓутоа, во Америка инфлацијата во октомври достигна највисока стапка во 30 години, а веќе пет месеци се движи над 5 отсто, значително над предвидената стапка на Американската централна банка од 2 отсто.
А, тоа би можело да ја натера централната банка на зголемување на клучните каматни стапки пред времето што се очекуваше.
Така сега аналитичарите и трговците очекуваат зголемување на клучните каматни стапки за 0.25 отстотни поени до следниот јуни, додека досега зголемувањето на цените на парите се очекуваше во јули.
„Пазарот е без јасна насока заради скратената работна недела и се насочува од очекувањата во врска со зголемувањето на каматите, што на акционерите им дава дополнителна причина за повлекување на заработката од преценетиот пазар“, вели Сам Стовал, стратег во фирмата „ЦФРА Рисрч“.
Утре на Волстрит нема да се работи поради Денот на благодарноста, додека во петок ќе се работи со скратено работно време.
А, на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Навистина, лондонскиот ФТСЕ индекс зајакна за 0.15 отсто, на 7.266 поени, но франкфуртскиот ДАХ падна за 1.11 отсто, на 15.937 поени, а парискиот ЦАЦ за 0.85 отсто на 7.044 поени.
(Фото: ЕПА)