Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска кажа дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, ниту, пак, таму ќе оди владина делегација или делегација на СДСМ. Вели оти како држава имаме зацртано пат за отворање на официјален македонски клуб и кога ќе се отвори таков – ќе бидат таму.
„Ова е приватна иницијатива. Секој чекор во таа насока треба да придонесе за намалување на тензиите и отворање на можностите за соработка. Ќе видиме дали овој клуб ќе има таков ефект. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но ние не сме должни да присуствуваме на отворањето на секоја иницијатива“, рече Маричиќ за „Студио 10“ на ТВ24.
Тој појасни дека се уште немаат информација кој стои зад иницијативата во Благоевград и што е нејзината цел и додаде дека подобро е институционално да ги водиме работите.
„Сметам дека е подобро преку институциите да ги водиме работите. Ние веќе имаме официјален центар во Софија и да направиме таков во Благоевград“, истакна Маричиќ.
Патем, посочи дека Македонија имала цел, а дел од зацртаното било Договорот со ФРОНТЕКС да се потпише на македонски јазик.
„Четири години не можевме да го потпишеме затоа што Бугарија изразуваше резерва за формулацијата ‘македонски јазик’. Ние не прифаќавме никакви отстапки. Наша цел воедно беше бугарскиот став да не стане европски“, рече вицепремиерот.







