Во трговски центар во Њу Џерси, во текот на масовното купување на „црн петок“, дојде до престрелка во која е ранет маж, додека престрашените купувачи се растрчаа и сокрија по продавници, а во трговски центар во градот Сиракјуз двајца мажи се прободени со нож.
До престрелката дошло вчера навечер во трговскиот центар „Милс“ во Њу Џерс, рече портпаролката на градските власти Кели Мартинс, додавајќи дека повредите со кои мажот се здобил не се опасни по живот, пренесува АП, не наведувајќи притоа кој пукал во него.
Никој не е уапсен, а ранетиот не соработува со полицијата, рече Мартинс, а американската агенција истакнува дека полицијата моментно ги анализира снимките од надзорните камери од објектот.
После пукањето, трговскиот центар бил евакуиран, наведе портпаролката.
Според нејзините зборови, околу 25.000 луѓе го посетиле тој трговски центар во изминатите два дена, со желби да купат стоки по цени традиционално намалени во петок после Денот на благодарноста во САД.
Во меѓувреме, на „црн петок“ насилество се случи во уште еден трговски центар, во градот Сиракјуз во американската сојузна држава Њујорк, каде што во полицијата на локалните медиуми им било речено дека двајца мажи се избодени со нож околу 16.15 часот.
За сега не се знае што го предизвикало инцидентот во продавницата „Мејси“, каде што полицајцитего пронашле едниот прободен во стомак, додека другиот лежел облиен во крв со рани во градите и рацете.
Двајцата имаат по околу 20-тина години и се префрлени во болница, соопшти полицијата.
Управата на трговскиот центар соопшти дека станува збор за „изолиран и апсолутно неприфатлив“ инцидент.








