Протести на десетици Палестинци против исламистичкото движење Хамас избувнаа вчера на југот на Газа, откако милитантите на групата, наводно, отвориле оган врз група млади луѓе кои се обиделе да земат хуманитарна помош.
Очевидци рекле дека повеќе десетици луѓе во неделата се бунтувале во градот Рафах во близина на египетската граница.
Толпата била разбеснета заради извештаите за тоа дека милитантите на Хамас пукале во луѓе кои се обиделе да земат хуманитарна помош без одобрение на организацијата.
Едно момче е наводно убиено, а неколкумина други се ранети.
Гневните демонстранти, според наводите, запалиле полициска станица управувана од Хамас.
Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е се покатастрофална во услови на израелска блокада на густо населената крајбрежна енклава и повеќемесечна воена офанзива.
Дистрибуцијата на ограничените потребштини во Газа во неколку наврати се претвори во грабежи и хаос.
Советот за безбедност на Обединетите нации донесе резолуција со која се бара зголемување на хуманитарната помош за Газа, но Израел опстојува на своето барање да ја следи испораката на помошта за да се спречи шверц на оружје.
Владата во Тел Авив, во исто време, тврди дека инспекциите не ја попречуваат испораката на помошта и ги обвинува агенциите на ОН за неуспех во нејзината распределба.
Претставници на Обединетите нации, пак, велат дека воените услови и израелските воздушни напади во голема мера го отежнуваат превозот и дистрибуцијата на стоки.







