Осум грама хероин откри полицијата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, кај директорот на приватна клиника која лекува зависност, депресија и анксиозност, јавуваат тамошните медиуми.
Поранешниот ракометар на Црвена ѕвезда, а сега раководител на клиниката за одвикнување од зависности, Милош Меденица, освен за шверц на дрога пријавен е и за напад на службено лице.
Меденица минатата недела дошол на аеродромот од каде требало да отпатува во странство, но наводно чудно се однесувал – ја тресел ногата и често излегувал од редот па повторно се враќал.

Неговото однесување го забележале полицајците, а кога му побарале лични документи, Меденица почнала да вика.
Полицајците потоа го замолиле да оди со нив во службените простории, но тој во паника почнал да се јавува на некого на мобилниот телефон. Кога полицајците се обиделе да му го одземат телефонот, тој почнал да ги турка и да бега.
Совладан е дури кога стигнале припадниците на специјалната единица која го обезбедува аеродромот. При претрес во службените простории, полицајците кај Меденица пронашле вреќичка со осум грама хероин, која ја криел во долната облека.
Меденица стана директор оваа година, а само неколку месеци подоцна, еве, „падна“ со осум грама хероин што се обидел да ги внесе во авионот.
„Место каде започнуваат нови животи. Ако мислите дека нема надеж, се лажете“, е слоганот на оваа приватна клиника, а на веб-страницата се наведува дека ова е модерна болница која ги лекува сите форми на зависност од 7 до 14 дена.
Уапсениот, инаку, беше во центарот на вниманието на јавноста и во 2014 година, кога беше позитивен на допинг тест, после натпреварот од третото коло од српската Суперлига.
Антидопинг агенција на Србија тогаш објави дека централниот бек на Црвена звезда бил позитивен на забранети супстанци – карбокси ТХЦ и сибутрамин (стимуланс кој се наоѓа во суплементите и зелениот чај), а Ракометниот сојуз на Србија донесе одлука за привремена суспензија на спортистот до завршување на постапката.







