Најмалку седум лица денеска го загубија животот во силната бура која ја погоди Холандија, Белгија, Германија и други европски држави.
Три лица загинаа во Германија, каде што ветерот рушеше дрва и туркаше камиони надвор од патот. Поради налетот на ветрот чија брзина беше и до 140 километри на час, откажани се стотина летови.
Во Брисел животот го загуби жена откако дрво и падна на автомобилот, а неколку лица се здобија со сериозни повреди заради што се пренесени во болница и се задржани на лекување.
Поради силните ветрови дојде до застој на рутата на меѓународниот брз воз „Талис“ на релација Париз-Амстердам, пренесува АП.
Во источната холандска провинција Оверејсел загина 62-годишен маж, кога в глава го погодила гранка од дрво, а друг маж на иста возраст почина во источниот град Енсхедеу, кога на неговиот автомобил се сруши дрво.
Во Вирен еден 66-годишник го загуби животот кога паднал од неколку метри височина. Бурата проследена со снежни врнежи и голомразица предизвикаа во Грција, Велика Британија, Германија, Холандија, Белгија и Романија прекин на електрична енергија, откажување и доцнење во патничкиот, железничкиот и авио сообраќајот.
Од меѓународниот аеродром во Схипхол во Амстердам денеска беа откажани 260 летови, поради ветрот чија брзина надминуваше 140 километри на час, јави агенцијата Ројтерс.
Во Германија се откажани сите услуги на железничкиот оператор „Дојче бан“ во Северна Рајна-Вестфалија, во најнаселената сојузна држава, поради што погодени беа стотици илјади патници, пренесе Ројтерс.
„Бидејќи тоа се однесува на долгите линии, прекинот ја погоди и целокупната железница, вклучувајќи ги и меѓународните врски“, соопшти „Дојче бан“.
Во Минхен осум домашни летови беа откажани, соопштија официјални лица од аеродромот.
Во многу делови на Германија училиштата се затворени, додека земјата се подготвува за најавена зимска бура која доаѓа од запад и донесува снег, дожд и силни ветрови. На жителите им беше соопштено, посебно на западот и северот од Германија, денеска да не излегуваат од своите куќи ако е возможно.
Полицијата и противпожарните екипи имаа полни раце работа, ноќта и во текот на денот во северниот и јужниот дел, кои се случија поради лизгавиот коловоз и обилните снежни врнежи. Најмногу сообраќајни несреќи, речиси „од минута во минута“ се случија на автопатот меѓу Вилхелмхавен и Вестерштад во северна Германија, пренесе АП.
Холандската метеоролошка служба издаде црвена тревога, највисок степен на предупредување, во повеќе делови од земјата. Ветерот во градот Хук ван Холанд дуваат со брзина од над 140км/ч, наведе АП. Таму трпи и железничкиот сообраќај. Многу одложувања и откажувања.
Во Белгија беше затворено пристаништето Ган. Нивото на предупредување беше портокалово – втор највисок степен на предупредување на бура, на северот на земјата, а во претстолнината, во Брисел, мораше да биде прекинат трамвајскиот превоз. Исто така таму беа затворени и неколку паркови.
На меѓународниот белгиски аеродром Завентемо авио превозот се одвива без пречки, пренесе американската новинска агенција.
Силните ветрови кои во Англија достигнаа преку 110 километри на час доведоа до прекин на струја на југоистокот од таа земја, со што беа погодени илјадници домаќинства, пишува АП.
Ветерот таму оштети некои од системите за напојување со електрична енергија за возовите, а на некои делови од железницата паднаа дрва и во железничкиот сообраќај дојде до сериозни задоцнувања во Велика Британија. Поради невремето во одделни подрачја на Шкотска возачите беа советувани да не тргнваат на пат.
Во Романија поради снежната бура затворени се десетина училишта и неколку главни патишта и пристаништа, а илјадници луѓе останаа без струја, пренесува АП. Министерката за внатрешни работи Кармен Дан рече дека околу 32.000 се без струја во 13 окрузи. Спасувачки екипи успеаја да извлечат 22 лица од автобус кој поради лизгавиот пат излетал од коловозот и беше насукан во снегот крај патот во регионот Галец, во источна Романија.
Во источна Романија пристаништата на Црно море се затворени поради силниот ветер, наведе американската агенција.
Откажани се или преместени многу летови од меѓународниот солунски аеродром „Солун Македонија“, јавува грчката агенција АНА, повикувајќи се на изјавите на официјални лица од аеродромот.







