Владините препораки за намалување на расходите на буџетските корисници предизвикаа бурни реакции во јавноста.
Синдикатите реагираат дека со се кратат работничките права и се кршат колективните договори, од Владата, пак, уверуваат дека нема да има кратење ниту на платите, ниту на работничките права.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека консолидацијата на расходите во државните институции не значи намалување на платите, туку дека се работи за план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните.
„Целта не е да се скратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и е дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза“, рече Ковачевски.
Ќе се ревидираат менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем ќе биде задолжена да ја дефинира новата форма.
Според Ковачевски, треба да се делува во насока на усогласување на платите затоа што постојат институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат претседателот на државата или министрите.
„Раководителите на институциите, на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени, да се намалат или да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени саати и со годишните одмори, кога и како ги добиваат вработените. Постојат повеќе алатки, инструменти и практики коишто менаџерите во овие институции можат да ги користат, но тоа не значи дека некој ќе го намали договорот за работа или ќе ги скрати платите“, истакна премиерот.
Од синдикатите, пак, вчера излегоа со реакција дека нема да дозволат никакво кратење на платите на работниците и неисплаќање на додатоците и надоместоците од плата.
Укажуваат дека не смее да биде откажан или ревидиран ниту еден колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор.
„Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата. ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да даваат согласност за какви било измени и дополни на колективните договори во насока на намалување на работничките права“, порачаа вчера од Синдикатот.
За евентуалното кршење на националните закони и меѓународните трудови стандарди, од ССМ најавија дека ќе ги информираат европските и светските синдикални организации, Меѓународната организација на трудот, Европскиот совет и сите надлежни институции на домашно и светско ниво.
Појаснување за препораките и мерките вчера имаше и од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Мерките и препораките, вели тој, не биле насочени кон никого лично и во нив биле дадени совети што треба да направат институциите од централната и локалната власт, јавните претпријатија и акционерските друштва.
„Тоа е за сите, за цел јавен сектор. Во период на криза не е период на калкулации. Таму има дадени совети што треба да направат и на централна власт и на локална власт и јавни претпријатија и акционерски друштва. Не е насочено лично кон никого. Се е начин на заштеда во овој период“, истакна Битиќи.
Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, што и да се прави, ќе биде во разговор и во договор со сите засегнати страни.
Маричиќ вчера рече дека првпат слуша за намалување на администрацијата како конкретна мерка.
„Немам информација дека ќе има намалување на бројот. Првпат го слушам ова и не можам да коментирам“, посочи вицепремиерот.
(Фото: МИА)







