Случајното конзумирање на бонбони и грицки со канабис кај децата во САД се зголемило за дури 1.375 отсто за пет години.Резултатите од истражувањето објавени во стручното списание „Педијатрија“ откриваат дека во периодот од 2017 до 2021 година, повеќе од 7.040 деца до шест години ненамерно консумирале канабис.
Од нив, речиси четвртина од децата завршиле во болница, а околу осум отсто на Одделението за интензивна нега.
Слатките со марихуана изгледаат како обични слатки. Најчесто може да се најдат во форма на бонбони, бисквити, колачи и чоколади. Привлечни се за децата бидејќи се наоѓаат во шарени пакувања, а на црниот пазар се продаваат во пакувања кои изгледаат речиси идентично со вистинските, на пример, бонбоните „Харибо“ (Haribo) или „Скатлес“ (Skittles).
На некои пакувања има ликови од цртани филмови, а предупредувањето дека производот содржи психоактивна состојка на канабис ТХЦ е напишано со мали букви или воопшто го нема.
Во САД, само во 2020 година, 3.054 деца ненамерно изеле бонбони со марихуана. Речиси сите деца – околу 97% – пронашле производи за јадење со ТХЦ дома.
Наодите се засновани на случаи пријавени во Националниот систем за податоци за отрови, база на податоци што ги следи извештаите за труење.
„Работам во Итната медицинска помош и во кол центарот за жртви од труење.Иако со свои очи видов повеќе деца кои доаѓаат во болница, кога ги погледнавме податоците ширум земјата, дефинитивно бевме изненадени“, изјави за Си-Ен-Ен една од авторките на студијата, докторката Антонија Неманиќ, додавајќи дека комбинацијата на легализацијата на „рекреативната“ марихуаната во неколку американски држави и фактот дека децата во текот на пандемијата повеќе време поминуваа дома, доведе до зголемување на бројот на случаи.
За разлика од возрасните лица кои можат да се запрат после една изедена бонбона, децата често немаат таква самоконтрола.
Конзумирањето на преголема количина канабис може да доведе до сериозни проблеми кај малите деца, вклучувајќи халуцинации, повраќање, проблеми со дишењето и конфузија. Во тешки случаи, може да доведе и до кома. Сериозноста на симптомите обично зависи од тежината и возраста на децата и од количината на конзумираниот канабис.
Лекарите вклучени во студијата повикуваат на донесување на правило со кое би се одредило на кој начинот производителите можат да ги рекламираат своите производи, вклучувајќи и правила со кои ќе се осигурува дека производите нема да изгледаат привлечно.
Апелираат и на родителите да ги чуваат слатките со психоактивни супстанци во заклучени фиоки.
„Нема причина возрасните да не можат да уживаат во овие производи. Се што ние сакаме е децата да бидат заштитени“, заклучила Неманиќ.







