На северот на Полска ноќва се сруши авион „миг 29“ на полското воено воздухопловство, при што загина пилотот иако тој успеал да се катапултира, соопштија од Центарот за безбедност во владата.
Авионот се урнал околу два часот после полноќ близу местото Сакув во Вармиско-мазурското војводство, на околу петстотини метри од најблиските куќи. По падот и ударот на земја леталото се запалило.
Пилотот, како што утринава соопшти полското Министерство за одбрана,успеал да се катапултира, но бил пронајден мртов неколку стотици метри од авионот.
„Пилотот кој трагично загина имаше повеќе од 800 часови во воздух, од тоа преку 500 во авионите од типот МИГ 29 со кои ги извршуваше борбените дежурства. Повеќе пати учествуваше во полски и меѓународни воени вежби“, соопшти министерството.







