Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, вчера изјави дека нормализирањето на односите со Саудиска Арабија ќе претставува „огромен чекор“ кон завршување на арапско-израелскиот конфликт.
„Сакаме нормализација и мир со Саудиска Арабија. Тоа го гледаме како можеби огромен чекор кон ставање крај на арапско-израелскиот судир“, рече Нетанјаху на состанокот во Ерусалим со американскиот сенатор, сепубликанецот Линдзи Греам.
„Тој договор може да има монументални последици, историски последици и за Израел, и за Саудиска Арабија, за регионот и за светот“, додаде тој.
Израел воспостави дипломатски односи со неколку арапски земји од 2020 година, вклучувајќи ги и саудиските соседи Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.
Меѓутоа, Ријад се воздржа од признавање на Израел и вели дека таквиот потег треба да биде поврзан со решавањето на палестинските аспирации за формирање држава.
Минатиот месец, Иран, главниот регионален ривал на Израел, со кинеско посредство ги обнови дипломатските односи со Саудиска Арабија, што претставува удар за напорите на Нетанјаху.
Иранската амбасада во Ријад по седум години беше отворена минатата среда.
Израелското министерство вчера соопшти дека побарало од Кина да изврши влијание врз Иран за да го спречи да се здобие со нуклеарно оружје.
„Разговарав со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг за опасноста што ја гледаме во иранската нуклеарна програма, опасност што ја споделуваат многу земји во регионот, вклучувајќи ги и земјите кои имаат дипломатски односи со Иран“, рече израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен.
(Фото: „Ројтерс“)







