Во Аукленд, на Нов Зеланд, на бездомници и луѓе со ниски примања им беа поделени бонбони со висока доза на метамфетамин.
Бонбоните, несвесна за потенцијалната опасност, ги поделила хуманитарна организација. На оваа организација, пак, и биле донирани од непознато лице.
Добротворната организација сега е во потрага по пакети со храна што ги содржат бонбоните. Тоа всушност биле тврди топки од метамфетамин затворени во обвивки за бонбони.
Метамфетаминот е моќен стимуланс кој предизвикува голема зависност и влијае на централниот нервен систем.
Количината на метамфетамин во секоја бонбона била и до 300 пати поголема од нивото што некој вообичаено би ја земал и може да биде смртоносна.
Полицијата покрена истрага за случајов.
Бен Биркс Анг, портпарол на организацијата Новозеландската фондација за дроги, рече дека маскирањето на дрогата како безопасна стока е вообичаена техника за прекугранично криумчарење и дека повеќе такви „слатки“ би можеле да се дистрибуирани низ Нов Зеланд.
Од Здружението објавија дека луѓето кои земале ваква бонбона во устата почувствувале горчлив вкус и се чувствувале чудно. Повеќето од нив ја исплукале бонбоната поради непријатниот вкус.
Според властите во Нов Зеланд, три лица кои ги консумирале бонбоните биле накратко хоспитализирани, а подоцна отпуштени од болница.
„’Бонбоните’ имале улична вредност од 1.000 новозеландски долари (560 евра) за едно парче, што укажува на тоа дека донацијата на непознатото лице за хуманитарната организација била случајност, а не намерен напад“, рече Биркс Анг.
Хуманитарната организација „Мисијата на градот Окленд“ извести дека прифаќа само комерцијално произведени производи за да ги вклучи во пакетите со храна и дека „бонбоните“ изгледале како такви кога биле донирани.
Од организацијата рекоа дека се „шокирани“ од инцидентот и почнале да контактираат со сите можни приматели за да ги информираат за проблемот.
Бонбоните биле донирани некаде во изминатите шест недели. Не е јасно колку во тоа време биле поделени и колку биле направени од метамфетамин.
На Новозеланѓаните засега им се препорачува воопшто да не конзумираат бонбони „Ринда“ со вкус на ананас, бидејќи е можно да има уште контаминирани пакетчиња.







