Колкава површина шуми се оштетени од пожарите што ја зафатија Македонија, ќе се знае утре откако на владина седница ЈП „Македонски шуми“ ќе ја соопшти точната бројка, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Од тоа ќе зависи, истакна, дали забраната за движење во шумите се уште ќе биде во сила.
Николовски на прес-конференција потенцира дека опожарената дрвна маса нема да се става во промет и ќе биде по строга контрола од страна на Инспекторатот.
Воедно најави дека од идната година буџетските средства за заштита на шумите ќе се зголемат и наместо сегашните седум милиони, ќе изнесуваат 35 милиони денари.
„Во претходните десет години десеткратно е намален износот на буџетот за заштита на шумите, односно од 70 милиони денари во 2006 година, на седум милиони во 2017 година“, напомена министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со пожарите, информира дека на неговото барање се засилени сите контроли, и инспекциските и оние на шумската полиција.
„Сите капацитети на Министерството се ставени во целосна функција и сите обврски и надлежности се преземени навреме. Пред почетокот на пожарите е донесена забраната за делумно движење во шумите, а потоа е воведена и целосна забрана. Во 24-часовната подготвеност се ставени Шумската полиција и Државниот инспекторат за шумарство и ловство кој врши вонредни контроли. Постојано сме на терен и ја следиме состојбата“, посочи Николовски.
Според него, поразителни се податоците во однос на ревизијата на ефикасноста на претпријатијата и институциите надлежни за шумите.
„Ревизијата со години не се спроведувала. Сега почна и секои три месеци, ќе добиваме податоци. Ќе почекаме целосно да завршиме за да ги соопштиме податоците“, рече министерот.