Морскиот мраз на Антарктикот достигна рекордно ниско ниво, веќе втора година по ред, што ги загрижува научниците.
Имено, на 13 февруари мразот што се граничи со Антарктикот падна на само 1,91 милиони квадратни километри, што е најниско ниво во историјата на сателитски мерења (од 1978 година).
„Тоа не е само рекордно ниско, тоа е изразен надолен тренд“, рече глациологот Тед Скамбос од Универзитетот во Колорадо Болдер за Си-Ен-Ен.
За разлика од Арктикот, каде што стапката на губење на морскиот мраз ја следи прилично конзистентна надолна траекторија како што се забрзуваат климатските промени, антарктичкиот морски мраз поминува низ фази на подеми и падови, што го отежнува разбирањето на механизмот со кој континентот и околните океани реагираат на промените на глобалното затоплување.
„Дали е ова почеток на крајот?“
Овие два поларни региони се многу различни. Арктикот е всушност океан опкружен со континенти, а Антарктикот е континент опкружен со океан. Мразот на Антарктикот е обично потенок од мразот на Арктикот и има поголем пораст во зима и поостар пад во лето.
Според климатските модели, падот на морскиот мраз на Антарктикот би требало да биде сличен на оној на Арктикот, но регионот до неодамна не се однесувал според моделите.
На пример, во 2014 година достигна рекордно ниво на зимска покривка, што ја поддржа хипотезата дека глобалното затоплување нема толку големо влијание на Антарктикот.
Но, во 2016 година, нешто се смени – научниците забележаа остар надолен тренд.
На почетокот, некои тоа го припишуваа на вообичаената варијабилност на овој исклучително сложен континент, со неговите разновидни, испреплетени климатски системи.
По две последователни години на рекордно ниско ниво на морски мраз, научниците се загрижени.
„Прашањето е дали климатските промени стигнаа до Антарктикот?
Дали е ова почеток на крајот? Дали морскиот мраз наскоро ќе исчезне засекогаш“, прашува океанографот и физичар Кристијан Хас од Институтот „Алфред Вегенер“ во Германија.
Фактори кои влијаат на падот на нивото на мразот
Неколку фактори, како што се ветерот, океанските струи и температурата на водата, можеби придонеле за ова ниско ниво на мраз.
Имено, температурите на воздухот во делови на Антарктикот биле повисоки од вообичаените, околу 1,5 Целзиусови степени над просекот, а имало и посилен појас на западни ветрови кои циркулираат на Антарктикот и можат да го зголемат топењето на морскиот мраз.
Јачината на ветровите е делумно поврзана со климатските промени, како и со дупката во озонската обвивка над континентот.
„Постојат индиции дека морскиот мраз се топи поради топлината заробена веднаш под површината на океанот што се меша со горниот слој на вода.Ако оваа теорија е точна, тогаш има големи импликации за стабилноста на ледената покривка на Антарктикот“, рече Скамбос.
Некои области на Антарктикот извесно време доживуваат алармантни промени.
Антарктичкиот Полуостров, синџир од ледени планини што излегуваат од западната страна на континентот, е една од областите со најбрзо затоплување на јужната хемисфера.
Карлос Мофат, океанограф од Универзитетот Делавер, кој штотуку се врати од истражувачко патување на Антарктичкиот Полуостров, изјави за Си-Ен-Ен дека нискиот морски мраз и многу високите температури на океаните се „драматично различни од она што го видовме во последните неколку децении.”
„Се чини дека нешто се смени на Антарктикот“
Минатата година научниците објавија дека огромниот глечер „Твајтс“ на Антарктикот, познат и како „Глечерот на судниот ден“, брзо се топи.
Научниците проценуваат дека глобалното ниво на морето може да се зголеми за околу 3 метри доколку целосно се стопи, што би имало катастрофални последици за многу крајбрежни градови низ светот.
Засега не е познато дали нивото на морскиот мраз во таа област повторно ќе се зголеми, со оглед на тоа што Антарктикот е познат по своите осцилации.
На научниците ќе им требаат уште најмалку пет години набљудување за да можат точно да го проценат трендот.
Но, Скамбос и понатаму е загрижен: „Се чини дека нешто се смени на Антарктикот и работите се доста драматични.“
(Извор: Индекс.хр)







