„Се чини дека прекинот на огнот во Судан со посредство на САД делумно се одржува, но нема знаци дека завојуваните страни се подготвени сериозно да преговараат“, изјави вчера специјалниот пратеник на Обединетите нации за Судан.
Од тоа произлегува дека „двете страни мислат дека е возможно да се обезбеди воена победа над онаа другата“, рече пратеникот Фолкер Пертес пред Советот за безбедност на ОН.
„Ова е погрешна пресметка“, додаде тој.
На 15 април избувнаа борби меѓу вооружените сили на Судан (САФ) и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).
Двете страни се согласија на 72-часовно примирје кое започна вчера по преговорите со посредство на САД и Саудиска Арабија.
„Се чини дека досега се одржува во некои делови. Сепак, слушаме и постојани извештаи за борби и движење на трупи“, рече Пертес, кој зборуваше преку видео од Порт Судан.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, насилството и хаосот во Судан ги опиша како „срцепарателни“.
„Борбата за моќ ја доведува иднината на Судан во опасност и може да предизвика долгогодишно страдање и со децении да го забави развојот“, рече Гутереш.
Обединетите нации преместија стотици вработени и членови на нивните семејства од Картум во Порт Судан. Таму планираат таму да основаат центар за да продолжат да работат во земјата во која дури и пред избувнувањето на насилството, на речиси 16 милиони луѓе или третина од населението им беше потребна хуманитарна помош.
(Фото: АФП)







