Само два дена по завршувањето на Светското првенство во Катар, англискиот „Дејли Мејл“ носи ексклузивна вест: Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, има идеја Мундијалот во иднина да се одржува на секои – три години!
Скратениот циклус меѓу двата завршни турнири на Мундијалот е само дел од долгорочниот план во револуцијата на фудбалскиот спорт, кој Инфантино го подготвува со своите соработници.
Челниците на ФИФА очигледно се охрабрени од комерцијалниот и спортски успех на турнирот во Катар.
Најавата за проширеното Светско клупско првенство во 2025 година е само почеток на големите амбиции на Инфантино, со кои, според неговите замисли, почнува нова ера во фудбалот.
Сепак, треба да се истакне дека претседателот на ФИФА за „почетокот на револуцијата“ не успеа да придобие сојузници, односно да обезбеди поддршка од играчите, клубовите и меѓународните конфедерации.
На идејата за револуционерни промени во фудбалот влијаеја два фактора: Инфантино е со уверување дека одржувањето на завршниот турнир на средината на сезоната (во зимскиот период) се покажа како ефикасно, бидејќи фудбалот продолжува да расте на глобално ниво. ниво.
Тој тоа го нарекува – пресврт во размислувањето.
„И покрај стравувањата од исцрпеност на играчите и масовни повреди во Катар, фудбалот приреди убедлив спектакл“, тврди Инфантино.
А, детаљот кој дополнително ги зацврсти неговите ставови е од финансиска природа.
Турнирот генерираше рекордни приходи од 6,2 милијарди фунти (7,13 милијарди евра), што претставува зголемување од 840 милиони фунти (966 милиони евра) во однос на Светското првенство во Русија во 2018 година.
Идејата на Инфантино за воспоставување на нов турнирски циклус, во кој Светското првенство би се одржувало на секои три години, би влијаело на ревидирањето на системите на сите континентални натпреварувања.
Затоа ќе биде интересно да се види како ќе реагира УЕФА, најмоќната континентална федерација (со Лигата на шампионите како најпрофитабилен спортски производ во светот).
Но, веќе првите реакции на плановите на ФИФА сугерираат дека ќе има жестока борба околу спроведувањето на идејата за тригодишен циклус.
Разговорите со засегнатите страни за меѓународниот календар во периодот од 2024 до 2030 година, практично се блиску до договор. Тоа би имало конкретна последица дека ниту една идеја на претседателот на ФИФА и неговите истомисленици не би можела да се реализира пред 2030 година.
А, како тогаш ќе изгледа фудбалскиот свет, денес е навистина тешко да се предвиди…
(Фото: „Скај спорт“)







