Левичарот Андрес Мануел Лопес Обрадор (64), поранешен градоначелник на Мексико Сити, познат како Алмо, стана нов претседател на Мексико со ветувања дека ќе работи на „длабока трансформација“ во државата и дека ќе ја исфрли мафијата од владеачките структури.
После една од најкрвавите кампањи во последните децении во која повеќе од 130 политички кандидати и партиски работници се убиени, со победата на Обрадор од власт се сменети две партии кои го водеа Мексико речиси 100 години.
Синот на продавач од југот на Мексико, Обрадор после два неуспешни обиди на претседателски избори, триумфираше освојувајќи 53 отсто од гласовите, двојно повеќе од противкандидатот што беше веднаш зад него. Неговата коалиција веројатно ќе има мнозинство во долниот дом на парламентот, дури и во Сенатот.
Откако ја прогласи победата обзнани дека ќе се залага за помирување, истакнувајќи дека сака „автентична демократија“, но не и диктатура.
„Денес една фаза е завршена и ние започнуваме друга, ќе го трансформираме Мексико“, порача Обрадор, додека неговите следбеници на улиците на Мексико Сити славеа со развиорени мексикански знамиња и танцувајќи во ритамот на мизуката на маријачите.
Новиот претседател го смири финансискиот сектор со ветувања дека ќе ја почитува автономијата на Банката на Мексико и дека ќе ја одржи финансиската и фискалната дисциплина. Тој рече дека сите договори за енергетската реформа на државата ќе бидат прегледани поради сомневања за корупција или незаконитост, но дека нема да има конфискација. На пензионерите им вети покачување на пензиите.
Повеќето Мексиканци се гневни на претходниот претседател Енрике Пења Ниета поради лошата состојба во економијата и поради големата стапка на корупција и криминал. Право на глас на овие избори имаа 88 милиони Мексиканци.
Обрадор од сите кандидати на изборите беше најкритичен кон претседателот на САД, Доналд Трамп, кој води строга политика кон мигрантите од Мексико и планира на границата да изгради ѕид. Трамп, меѓутоа, му ја честиташе победата на Обрадор, истакнувајќи дека се надева на успешна соработка.









