Новоизбраниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави денес дека наместо вооружена тајна служба, која ги заштитувала неговите претходници, ќе има 20 невооружени мажи и жени, вклучувајќи адвокати, лекари и инженери. Откако убедливо победи на изборите на 1 јули, левичарскиот политичар се прикажува како претседател на „обичните луѓе“ и се откажува од традиционалните претседателски привилегии.
Но, фактот дека не сака вооружени телохранители предизвика страв во јавноста во земја која се бори со политичко насилство, банди и картели. За време на претседателската кампања имало повеќе смртоносни напади врз политичари од било кога, а епидемијата на насилството кај бандите била најкрвава во модерната мексиканска историја.
Во првата изјава само еден ден по победата на изборите, Лопез Обрадор, рече дека ќе избере десет жени и десет мажи, кои нема да бидат вооружени. Нив не ги смета за телохранители, туку како „поддршка“.
„Тие ќе се грижат за мене. Овие жени и мажи, и сите Мексиканци ќе се грижат за мене. А кога зборувам за сите Мексиканци, зборувам за војниците, бидејќи војниците се народ“, рече Лопез Обрадор.
„Сите Мексиканци ќе се грижат за мене, но нема да има посебна (државна) служба која ќе ја гарантира заштитата на претседателот“, додаде тој. Лопез Обрадор и на поранешниот претседател Енрике Пења Нието, под заштита на две илјади вооружени чувари вклучувајќи војници, полицајци и цивили, му кажа дека повеќе би земал многу помал тим за безбедност.