Денеска повторно има дојави за бомби во осум училишта во Скопје, и во моментов во тек е евакуација на учениците, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
„Околу 14 часот во СВР Скопје е пријавено дека на мејл адреси на осум училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници спроведуваат евакуирање на учениците. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјавија од МВР.
Вчера првично имаше дојави за бомби во пет училишта, а потоа уште за во три. За сите дојави се утврди дека се лажни, откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите.
Прво, во МВР беа пријавени поставени бомби во пет гимназии во главниот град: „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Потоа стигнаа и дополнителни пријави за уште три други училишта.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во интервју за МТВ рече дека истрагата за дојавите за бомби во скопските средни училишта е во тек, и дека се познати првичните информации.
„Истрагата е во тек, ги знаеме од каде се испратени мејловите. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија”, истакна Спасовски.
(Фото: Либертас)







