По една деценија, полицијата ќе добие нови униформи. Оваа одлука ја донесе владата на 30. седница, со што го задолжи министерството за внатрешни работи да поднесе барање за добивање согласност до советот за јавни набавки за повеќе делови од униформата на полицијата.
Информацијата дека полицијата добива нови униформи ја објави и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во отчетот за сработеното во првите 100 дена.
Полицијата има потреба од нови униформи со нов изглед препорачаа европските експерти на почетокот на минатата година во рамките на стратегијата за развој на полицијата од 2016 до 2020 година, проект поддржан со европски пари.
Сепак, ова прашање не го решава проблемот на затворската полиција. Претседателот на синдикатот на затворската полиција пред еден месец, при посетата на премиерот Зоран Заев на затворот Идризово истакна дека ниту тие немаат нови униформи десет години, со што се приморани да бараат износени кошули и панталони од припадниците на МВР.







