Новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на техничко ниво што се одржа вчера во Брисел не придонесе за приближување на двете страни во поглед на формирање на Заедница на српските општини на Косово, која српската страна ја гледа како пресвртна точка за натамошно продолжување на разговорите.
Откако двете страни на состанокот со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на 27 февруари во Брисел го прифатија европскиот план за Косово, кој е поддржан и од САД, и новата трилатерална средба на 18 март во Охрид, на која е усогласен и Анексот кој претставува план за имплементација на основниот договор, ниту договорот, ниту анексот не се потпишани, а двете страни различно го толкуваат.
Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот, Мирослав Лајчак, кој беше домаќин на вчерашната средба, објави кратка порака на Твитер дека дискусијата продолжува.
„Разговаравме за натамошниот пат за спроведување на Договорот од 27 февруари и сакавме да ги разјасниме отворените прашања. Расправите ќе продолжат“, напиша Лајчак.
Но, преговарачите на двете страни, секој на свој начин, ја толкуваа вчерашната трилатерална средба – Белград ја обвини Приштина дека не е подготвена да ги прифати преземените обврски, а Приштина тврди дека „ се разговарало само за насоката во која оди дијалогот и за се што се однесува на примената на спогодбата“.
„Не знам како можеме да продолжиме да разговараме и да се движиме во насока на нормализирање на односите ако Приштина не сака да зборува за ништо“, изјави за белградските медиуми во Брисел, директорот на канцеларијата на српската влада за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, тврдејќи дека за време на дијалогот, однесувањето на преговарачот од Косово, Бесник Бислими, било „скандалозно“.
Петковиќ за новинарите им изјави дека Белград дошол во Брисел подготвен, со експерти и со план да се разговара за спроведувањето на договорот, формирање на Заедница на српски општини и исчезнатите лица, откако двете страни претходно се договориле за Декларацијата за исчезнатите.
Бислими, пак, тврди дека во договорот постигнат во Охрид „јасно стои дека ниту еден член од договорот не условува друг член“, и дека сите одредби ќе се применуваат независно.
„Исто така, се вели и дека ниту една страна нема да ја блокира примената на една или друга точка од договорот“, ја цитираат изјавата на Бислими белградските медиуми.
„Колку повеќе знаеме какви се позициите на Србија, толку полесно ќе можеме да работиме на спроведувањето на договорот“, додаде приштинскиот преговарач.
„Компромис мора да има, но очигледно е дека тоа е забранет збор во Приштина“, искоментира Петковиќ, оценувајќи дека ситуацијата е тешка и дека е загрижен како ќе продолжи дијалогот.
Тој нагласи дека Србија има свои „црвени линии“ и дека ќе продолжи да се придржува до нив.
Тие црвени линии се дека Белград нема да ја признае независноста на Косово, ниту ќе се согласи за членство на Косово во меѓународните организации, особено не во ОН.
Приштина признавањето на независност го гледа како централен дел од идниот правно обврзувачки договор, додека асоцијација на српски општини со извршни овластувања не сака да формира, со цел да се избегне нестабилност, споредувајќи ја „Заедницата“ по стандардите на Белград со статусот на ентитетот на Република Српска во Босна и Херцеговина.
Продолжување на разговорите меѓу Белград и Приштина вчера не беше договорено.







