Во главниот град на Бразил, Бразилија, траат судирите помеѓу полицијата и приврзаници на поранешниот претседател, Жаир Болсонаро, јавува „Кориере дела сера“.
Приврзаниците на поранешниот десничарски лидер, кого Игнасио Лула го порази на последните претседателски избори, упаднаа во „Паласио до Планалто“ (седиштето на Владата и претседателот на Федеративната Република) и во Врховниот суд, кој ја утврди победата на Лула. Полицијата одговори со фрлање солзавец.

Последните вести зборуваат за тоа дека полицијата го ослободи Врховниот суд.
Се верува дека нападот бил координиран преку социјалните мрежи (преку апликацијата WhatsApp).
Идејата зад акцијата на „болсонаровците“ е јасна: да се поттикне армијата да интервенира и да воведе диктатура.
Со недели членовите на дерсницата демонстрираа, ги окупираа улиците или протестираа пред воените касарни и повикуваа на воена интервенција бидејќи не ја прифаќаат победата на Лула. Иако Болсонаро ја предаде власта, тој сè уште одбива да го признае поразот и да ги прифати официјалните резултати од изборите.

Болсонаро, инаку, пред неколку дена одлета во САД за да не присуствува на примопредавањето на власта и на инаугурацијата на новиот претседател. Лула, пак, е во Сао Паоло поради поплавите, но после обидот за заземање на Конгресот и се обрати на нацијата.
„Ова е варварски акт, кршење на правата на бразилскиот народ. Фанатичните фашисти го направија она што никој никогаш не се осмели да го направи. Сакаме да дознаеме кој го финансирал ова. И ви гарантирам дека ќе бидат казнети и тие и вандалите“, рече бразилскиот претседател и додаде дека работи за воспоставување на редот.
🚨#BREAKING: Thousands Bolsonaro Supporters are Storming Government Buildings in Brazil
Thousands of Supporters of ex-President Jair Bolsonaro and other protesters have broken through multiple barricades and currently taking over the Supreme Federal Court. pic.twitter.com/xS7n1RInhj
— R A W S A L E R T S (@rawsalerts) January 8, 2023
Лула ја обвини претходната, како што тој ја нарече, „геноцидна влада“, дека во благајната оставила премалку пари за овие интервенции, а ја искритикува и воената полиција на Федералниот округ дека не ја извршила својата должност.
„Не знам дали сето ова го организираше Болсонаро, но знам дека е организирано од Мајами, каде што тој замина на одмор. Многу говори на поранешниот претседател на Бразил го поттикнаа овој хаос“, изјави Лула.
Тој порача дека доколку се докаже дека оттаму се влечат конците за овој хаос во главниот град, тоа би можело да биде многу непријатно за американскиот претседател Џо Бајден.
After storming the Congress building in Brasilia, this video shows that anti-Lula protesters are now also storming the building of the Supreme Court. pic.twitter.com/y1YthXjw3k
— Visegrád 24 (@visegrad24) January 8, 2023
Новата влада веќе се обиде да ги растури камповите што „болсонаровците“ ги поставија во различни делови на земјата, вклучувајќи и еден пред воениот штаб во Бразилија.
Но, денес демонстрантите од нивниот камп во близина на армискиот штаб, многу од нив завиткани во бразилски знамиња, прво се упатија во Министерството за правда, а потоа и во седиштето на Владата.

Бразилските медиуми јавуваат дека безбедносниот полициски кордон е целосно разбиен, а илјадници луѓе маршираат по патеката што води до зградата.
Ова е сценарио кое е речиси идентично со она што се случи на 6 јануари пред две години во Вашингтон, кога поддржувачите на Трамп упаднаа во Капитол Хил.
На телевизиските снимки може да се види како демонстранти го кршат мебелот во Врховниот суд и во Конгресот. „Болсонаровците“ го запалија теписонот во Зелената сала на Конгресот, но пожарот беше изгаснат. Оштетени се сликите кои странските шефови на држави и влади ги подарија на Конгресот, а низ прозорец беше фрлена статуа на Исус.
„Овој апсурден обид на наметнување волја со сила нема да надвладее. А, силите со кои располагаме се на терен“, изјави министерот за правда, Флавио Дино.
Претседателот на Сенатот, Родриго Пачеко, се огласи на Твитер и ги осуди „недемократските дела“ на демонстрантите и повика на брза реакција од правосудството.
Гувернерот на Федералниот округ Бразилија, Ибанес Роча, го разреши својот (окружен) министер за безбедност, Андерсон Торес, сметајќи го за одговорен за упадот.
Торес денеска не е во Бразилија, пред неколку дена замина на Флорида. Со него заминаа уште неколку истакнати поддржувачи на Болсонаро.
Во месеците пред изборите, Болсонаро го копираше Трамп со постојано зборување за можна изборна измама, подготвувајќи го теренот за масовни протести доколку загуби. Исто како Трамп, тој ја прекрши традицијата и не присуствуваше на инаугурацијата на неговиот наследник, ниту пак лично му ја подари претседателската лента, туку го напушти главниот град и замина за САД, на Флорида.
Во исто време додека трае обидот за државен удар, во Рио де Жанеиро подготовките за карневалот се во полн ек, и се чини дека таму никој не се грижи премногу за тоа што се случува во Бразилија.
(Фото: АФП / АП)







