Британската полиција ги објави вечерва имињата на двајца од тројцата напаѓачи кои во Лондон убија седум лица, а педесетина ранија. Тоа се Хурам Шазам Бут и Рашид Редуан.
Бут (27) е британски државјанин, по потекло Пакистанец, а Ројтерс пренесува дека од порано им бил познат на полицијата и на МИ-5, како и тоа дека нема докази кои би укажувале дека нападот бил планиран. Бил женет и има деца. Со семејството неколку години живеел во источниот дел на Лондон. Редуан не и бил познат на полицијата.
Британската полиција, во рамки на истрагата за нападите што се случија во саботата, уапсила „одреден број на луѓе“, после што во раните утрински часови изведе акции на две локации во источен Лондон.
„Околу 4.15 часот припадници на Противтерористичката команда влегоа во објекти на две локации, една во Њухем, а другата во Беркинг. Одреден број на луѓе се приведени и моментно се на сослушување“, се вели во соопштението.
Во претходни рации на други две локации во предградието Беркинг, полицијата уапсила 12 лица, седум жени и пет мажи, на возраст меѓу 19 и 60 години, а еден од нив е пуштен.
Британската премиерка Тереза Меј утре ќе одржи седница на владиниот комитет за итна безбедноста ситуација на која би се разговарало за нападот, трет во последните три месеци во Британија.
Еден од напаѓачите се појави во документарец
https://www.youtube.com/watch?v=6DsG9yQrdD4
Хурам Шазам Бут, еден од напаѓачите во последниот терористички акт во Лондон, се појави минатата година во телевизиски документарен филм за британските џихадисти. Бут се појави во филмот „Џихадистите од соседството“ заедно со, како што наведуваат медиумите, уште двајца озлогласени свештеници, кои им биле добро познати на безбедносните служби поради нивните екстремистички ставови. Пред тоа, пак, бил снимен при отворен судир со полицијата додека веел знаме на Исламска држава.









