Едно лице загина во најголемиот овогодишен шумски пожар во Грција, кој и денес сè уште гори во предградието на Атина, иако со намален интензитет благодарение на послабите ветрови и напорите на пожарникарите, соопштија властите.
Стотици пожарникари, поддржани од противпожарни возила и водени „бомби“ од авиони, се борат со пожарот што избувна во неделата во близина на селото Варнаваса, 35 километри северно од Атина, и уништи куќи, возила и делови од сува шума.
Поттикнат од силни ветрови, пожарот вчера од шумовито, ридско подрачје се префрли во предградието, загушувајќи го градот со чад и пепел и предизвикувајќи паника во населбите кои со децении не виделе ваков пожар толку блиску до центарот.

Пожарот вчера стигна до Врилиси, на околу 14 километри од центарот на Атина, каде едно лице беше пронајдено мртво, соопштија пожарникарите.
Причината за шумскиот пожар се уште не е утврдена.
Се очекува ветровите повторно да се засилат во текот на денов, а земјата ќе остане на висок степен на опасност од пожар до четврток, со силни ветришта, и со прогнози дека температурата ќе достигне до 40 Целзиусови степени.
„Севкупната слика изгледа подобро, но сеуште има многу фронтови во различни подрачја“, рече претставник на противпожарната служба.
Пожарот остави зад себе напуштени домови, изгорени автомобили и јагленисани полиња. Локалниот весник „Прото тема“ објави дека изгореле 100 квадратни километри, вклучително и 100 куќи.

Грција го активира европскиот механизам за цивилна заштита и очекува помош од авиони и пожарникари од Франција, Италија и Чешка. Шпанија и Турција исто така понудија помош.
Повеќе од 30 области беа принудени да се евакуираат, заедно со најмалку три болници, со прекин на електричната енергија во делови од поширокиот регион на Атина.
Патничките траекти кои одеа кон пристаништето Рафина, североисточно од главниот град, беа пренасочени.
Полицијата помогна да се евакуираат повеќе од 250 луѓе, а некои жители ја поминаа ноќта во засолништа.
❗️🔥🇬🇷 – An extremely dangerous forest fire continues to ravage the region near Athens, the capital of Greece, prompting authorities to call for the immediate evacuation of homes.
Emergency crews have been battling the flames for more than 20 hours, in dramatic conditions… pic.twitter.com/nPYeQhfQVm
— 🔥🗞The Informant (@theinformant_x) August 12, 2024
(Фото: Ангелос Цорцинис и Арис Оикономоу / АФП)







