Естонија денеска даде уверување дека е „подготвена“ да ја затвори својата граница со Русија, после сличната мерка што ја презеде Финска, а Талин се повика на потенцијалната закана од рускиот сосед.
Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахкна, вели дека ситуацијата на финската граница, каде што во последните недели драстично се зголеми бројот на мигранти без какви било документи, претставува „флагрантен хибриден напад“ кој го води Русија.
Цахкна посочи дека неговата земја е „подготвена да се одбрани од секој хибриден напад“, заради што, како што истакна тој, биле спремни „да стават клуч на граничните премини со Русија“.
Естонија, поранешна советска република, денес цврсто ја поддржува Украина после почетокот на руската инвазија на таа земја.
„Ова е нов доказ дека Русија не се бори само во Украина, туку дека претставува закана за другите земји со овие хибридни напади“, рече Цахкна.
Во соопштението на естонската влада се додава дека министрите на министерскиот состанок во Брисел изјавиле дека се подготвени да му помогнат на Хелсинки доколку има потреба за тоа.
Финска вчера објави дека го затвора последниот премин со Русија, со која дели граница долга 1.340 километри.
Финската и естонската граница со Русија се и надворешни граници на ЕУ и НАТО.







