Противвоздушната одбрана во руската област Белгород, наводно, соборила 10 проектили вчера вечерта, а три лица се ранети од паѓање на остатоци, информираше гувернерот Вјачеслав Гладков.
„Оштетени се и неколку згради и автомобили“, рече Гладков.
Во нападот на 30 декември на Белгород, кој се наоѓа на околу 40 километри од украинската граница, според руските власти убиени биле 25 лица, а повеќе од 100 биле повредени.
Украина не ја презеде одговорноста за нападот, кој се случи еден ден откако Русија изврши голем воздушен напад врз Киев.
Гладков на 5 јануари изјави дека Русија почнала да ги иселува жителите од Белгород поради загриженост за нивната сигурност.
Неколку украински медиуми објавија дека украинските сили нападнале воени објекти во Белгород на 30 декември како одговор на нападите врз Киев.

Во извештаите се цитирани анонимни извори во специјалните служби на Украина, кои велат дека остатоци од противвоздушна муниција паднале во центарот на Белгород „поради непрофесионалното дејство на руската противвоздушна одбрана“.
Претставник на француското Министерство за надворешни работи на 3 јануари изјави дека Русија „сноси целосна одговорност“ за жртвите од нападот во Белгород.
„Русија може да стави крај на овој конфликт и на човечките трагедии што го придружуваат, за што сноси целосна одговорност“, рече францускиот дипломат.
(Фото: ТВ Русија / ЕПА)







