Од утре пратениците почнуваат со работа по годишниот одмор што го користеа од 18 во месецов. За утре е закажана седница на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.
На дневен ред се извештаите за работата на Управата за безбедност и контраразузнавање за 2016 година и на Агенцијата за разузнавање.
Пленарната седница е закажана за 4-ти следниот месец, на која пратениците треба да расправаат за Предлогот за огласување именување Јавен обвинител на Република Македонија.
По разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, Владата на 22 месецов донесе заклучок да му предложи на Собранието на Република Македонија да го огласи именувањето Јавен обвинител на Република Македонија.
Постапката се спроведува согласно член 41 од Законот за Јавното обвинителство.







