1.
И после некој ќе каже не сме биле библиска земја – за помалку од една недела добивме и претседател и папа. Тоа не ни успеало уште од изборот на Бранко Црвенковски. И тоа не е сè, за помалку од една недела ќе се случи уште едно мало чудо: по десет години, неговата екселенција Хорхе ќе замине во историјата.
Успеавме да дојдеме до целосниот текст што Иванов се подготвувал да му го прочита на Папата за време на приемот во претседателската вила. За жал, во интерес на времето (а и на некои друг фактори), Ѓорѓе не беше во можност да го исчита целиот текст, туку само оние реченици што не му беа пречкртани со црвено.
Но, тоа не е причина, трогателната исповед да не биде споделена со читателите на оваа колумна:
Драг Папа. Господ ве прати на крајот на мојот мандат. Случајно? Не би рекол. Со должна почит кон евентуалните други, споредни цели на Вашата посета, јас мислам, сепак, дека Севишниот имаше јасна намисла јас да се исповедам, па Ве прати тука кај мене, во ова свето парче земја од планината Водно, колепката на единствените антички христијани на светот.
Доаѓате во време кога македонската држава е тешко ранета. Како што можеби сте чуле и од други, нашата земја беше десет години злосторнички силувана, а јас како нејзин татко си молчев. Клучот беше кај мене, овде во оваа палата, но јас немо набљудував, уценет од силувачите и никогаш не побарав помош. Гледав да не одмагам, а кога можев и колку можев помагав.
И така државата ни остана тешко ранета. Многу од раните останаа незалечени. Новиве што дојдоа, не само што го оставија Господ да ги казни грешниците наместо правосудството, туку и најдрско ја прекршија осмата божја заповед – не кради – ми ја здиплија и дрско си ја присвоија амнестијата за свои потреби. Жалам што не успеав навреме да го патентирам, па да барам процент за секој амнестиран, но времето не можам да го вратам и грешките не можам да ги исправам.
Затоа молам да ми бидат простени гревовите. Сум чул и за вашата надалеку позната индулгенција, односно можност со пари да се откупат гревовите. Мене за една недела ми почнува заслужената доживотна пензија со платен кабинет, за што граѓаните ќе издвојуваат милион денари секој месец, па би сакал дел од овие пари да ги инвестирам во индулгенција. Затоа, најпонизно замолувам за жиро-сметка и ако може на излегување да ја оставите Вашата света визит-карта кај мојата секретарка.
Опрости ми Папе, за све ове грубе речи.
2.
А во пресрет на историската посета на Папата, во христијански дух помина и завршната реч на Христијан Мицковски по изборите во неделата. Иако цел ден тој и кандидатката Пресвета и Подмладена Гога зборуваа дека дошол Рајот во Македонија, пролет, цвеќиња, преродби и слично, кога стасаа резултатите, Мицко излезе и вети дека ќе ја претвори земјава во Пекол.
„Ве очекува вистински политички пекол што ќе го предводи ВМРО-ДПМНЕ…“, се закани шефот во сенка на партијата. Видете, јас оваа закана би ја сфатил сериозно. Ако нешто знае да предводи ДПМНЕ, тоа сигурно е Пеколот. Проверено.