Општина Аеродром е во постојана комуникација со директорот на градинката, кој набргу очекува одговор од МВР во однос на случајот. Доколку се утврди вина, веднаш ќе се спроведат соодветни санкции за воспитувачката, соопшти Општина Аеродром во врска со инцидентот што бил пријавен во полиција
Во понеделникот родителката Е.Г. (36) од Скопје пријавила кај директорот на градинка во општина Аеродром дека забележала оток на десниот образ на својот шестгодишен син. Според изјавата на детето, воспитувачката го удрила неколкупати по десниот образ.
Директорот на градинката ја упатил мајката да го однесе детето во здравствена установа за да се утврдат евентуални повреди и да пријави во полиција за да може да се постапува по случајот. Од страна на лекар била издадена потврда за констатирани повреди во вид на оток во пределот на лицето.
Раководството на градинката оствари разговор со вработената, која го негира инцидентот. МВР во моментот презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од Општина Аеродром.







