Целосниот прекин на вториот по големина австралиски мобилен оператор „Оптус“ (Optus) ги парализираше денеска телефонските и интернетските врски на повеќе од 10 милиони луѓе на континентот.
Од раните утрински часови корисниците ширум земјата не можат да телефонираат ниту да пристапат на Интернет, јавуваат австралиските медиуми.
Според извештајот на телевизијата „9Њус“, ова е најголемиот прекин на телекомуникациите во историјата на земјата.
Во соопштението објавено од компанијата, на пладне по локално време, се споменува дека веројатно ќе бидат потребни часови за да се врати мрежата во функција.
„Ова е многу невообичаена појава и штом ќе разбереме што точно се случило, ќе ги споделиме деталите“, изјави извршната директорка на „Оптус“, Кели Баер Розмарин, за радио станицата „2ГБ“ во Сиднеј.
Не е јасно што го предизвикало падот на системот, но властите ја отфрлија можноста за сајбер напад.
Интернетот, мобилните услуги и врските со некои владини оддели беа прекинати, вклучително и телефонските врски со болниците и службите за итна медицинска помош.
На својата веб-страница, „Оптус“ ги советуваше корисниците кои треба да повикаат итна служба да најдат член на семејството или сосед на друга мрежа што би можел да им помогне.
Прекинот на услугата предизвика хаос во мрежите на јавниот транспорт во некои градови и дефект на системите за мобилно плаќање.
„Оптус“ е вториот најголем телекомуникациски провајдер во Австралија, после „Телстра“. Минатата година компанијата се најде на насловните страници кога хакери украдоа чувствителни податоци на милиони Австралијци во нападот на системот на „Оптус“.
„Оптус“ пред малку соопшти дека врските почнуваат да се враќаат во нормала.







