На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, трета пат по ред, затоа што трговците ги загрижи слабата побарувачката во најголемите светски економии.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 4,1 отсто, на 81,43 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 4,2 отсто, на 77,17 долари.
Падот на цените е последица на знаците на слабеење на побарувачката во САД и Кина, најголемите светски потрошувачи на „црното злато“.
Резервите во САД се зголемија пред една недела за речиси 13 милиони барели, а американската влада соопшти дека, според новите проценки, очекува пад на потрошувачката во оваа година за 300.000 барели дневно, додека до неодамна очекуваше зголемување за 100.000 барели.
Од друга страна, кинескиот увоз на нафта силно порасна во октомври.
Но, трговците ги загрижи веста дека рафинериите во најголемиот светски купувач на сурова нафта побарале од најголемиот светски извозник Саудиска Арабија помалку нафта за декември.
„Стравот од прекини во производството на Блискиот Исток поради конфликтот меѓу Израел и Хамас отстапи место на загриженоста за побарувачката“, пишуваат аналитичарите на Комерцбанк во освртот за состојбата на пазарот.
Трговците ги загрижува и забавувањето на растот на најголемите западни економии, со оглед на тоа што централните банки со зголемени каматни стапки се обидуваат да ја сузбијат инфлацијата.







