Трите најголеми аеродроми во Москва го запреа рано утрово пристигнувањето и полетувањето на авионите, објави руската новинска агенција ТАСС.
„Воздушниот простор е затворен над Внуково, Шереметјево и Домодедово“, рече неименуван функционер.
„Дојдовните летови се запрени, а појдовните се одложени“, додаде тој.
Русија, вчера и денес, објави за серија напади со украински беспилотни летала, вклучувајќи ги и тие над Москва.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека руската војска денеска рано утрово соборила две борбени беспилотни летала западно од главниот град на Русија.
„Дроновите беа соборени над градот Красногорск и населбата Части“, истакна Собјанин.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека војската вчера вечерта околу 23 часот по локално време срушила две украински беспилотни летала над Црното Море, 40 километри северозападно од Крим. Известија и за два срушени дрона денеска рано утрово, во Брјанската област, која граничи со Украина.







