Папата Фрањо, споредувајќи ја моменталната светска ситуација со кубанската ракетна криза пред 60 години, ги предводеше вчера водачите на светските религии во мировен апел до политичарите, да ја спречат заканата од нуклеарна војна во Украина.
Тој претседаваше со свеченото затворање на тридневната конференција која ја организираше Италијанската заедница Сант Егидио, светска мировна и добротворна група, во Римскиот Колосеум.
Во своето обраќање пред неколку илјади луѓе, одржано откако различните верски групи се молеа одделно, папата го осуди денешното „мрачно сценарио, каде што, за жал, плановите на моќните светски лидери не ја земаат предвид праведната волја на народот“.
Осврнувајќи се на можноста за употреба на нуклеарно оружје во Украина, тој рече:
„Денес, всушност, потполно е загрозено нештото од што се плашевме и за кое се надевавме дека никогаш повеќе нема да слушнеме: употребата на атомско оружје, кое и по Хирошима и Нагасаки продолжи погрешно да се произведува и тестира“, изјави поглаварот на Римокатоличката црква.
Во својот говор потсети како на 25 октомври 1962 година, во екот на кубанската ракетна криза, папата Јован XXIII упати радио порака во која апелираше до тогашните лидери да го вратат светот од работ на понорот.
„Денеска мирот е сериозно нарушен, нападнат и погазен, и тоа во Европа, на самиот континент кој во минатиот век ги претрпе ужасите на двете светски војни“, истакна папата Фрањо.







