„Патриотизмот никогаш не бил толку романтичен“, е мотото на првата француска десничарска платформа за запознавање, наречена „Droite au Coeur“, а нејзината цел е да им овозможи на истомислениците да најдат сродна душа и да започнат романса.
„Droite au Coeur“ се преведува како „право во срце“, а може да се преведе и како „десно од срцето“, но во суштина е платформа за запознавање на осамени лица кои „ја сакаат својата земја“.
Платформата за запознавање ја покренаа Стефани и Јохан Павер, ултрадесничарски влијателни лица, инфлуенсери кои промовираат „западни вредности“.
„Образованието, културата и верата се нашите непоколебливи светилници кои не водат на патот на животот во деконструирано и нездраво општество“, пишува на страницата.
Новата апликација за запознавање исклучиво за десничари е знак за тоа колку екстремно десната идеологија во Франција станува популарна, тврди Сесил Симонс за „Еуроњус“.
Симонс, истражувач во Институтот за стратешки дијалог (ИСД), која анализира и осмислува одговори на екстремизмот, омразата и поларизацијата, смета дека платформата всушност е за „зачувување на идентитетот“.
„Верувам дека целта на оваа апликација е желбата ‘исклучување’.Се споменува добивање деца, но имплицитно е за запознавање и раѓање бели деца“, вели Симонс.
Платформата ги нарекува своите корисници чувари и бранители на цивилизациското богатство.
Иако „Droite au Coeur“ не е официјално поврзан со ниту една политичка партија, страницата ја промовираа Бруно Атал, полициски синдикалец кој се кандидираше на последните парламентарни избори во 2022 година, и Патрик Либрехт, директор на Институтот за социјални, економски и политички науки (ISSEP) кој е основан од лидерката на француската екстремна десница Марион Маршал Ле Пен.
При поставувањето на профил, корисниците мора да дадат податоци за нивната етничка припадност, семејната ситуација и религијата.
Мора да наведат најмалку еден или два политички интереси, од списокот на десничарски партии што ги вклучува Повторното освојување на Ерик Земур, Националното собрание на Марин Ле Пен, Патриоти на Флоријан Филипот, Републиканската народна унија на Франсоа Аселино, Стани Франција на Николас Дипон-Ањан и Републиканците на Ерик Чиоти.
Покрај тоа, корисниците мора да одговорат колку мислат дека е важна религијата, дали пушат или не, и кои се нивните ставови за децата.
26-годишен маж во апликацијата се опиша себе си како „белец, хетеросексуалец, христијанин“, саркастично додавајќи дека тој е пример за сето зло во светот.Друг вели дека „воден од Господ и стремејќи се кон подобар свет, бара жена која ќе го следи во неговото бегство од овој студен и стерилен свет“.
„Барам жена со која ќе градам иднина и ќе одолеам на декаденцијата и агонијата на Западот“, напиша еден 34-годишен маж.
За Симонс, „Droite au Coeur“ е загрижувачки показател за тоа како крајната десница станува се повеќе и повеќе распространета преку промовирање на идеи кои во Европа доаѓаат од САД.
Апликации за запознавање наменети само за десничари се веќе вообичаени во САД, каде постојат „Рајтер“, чиј основач Кристи Едвардс Лоутон тврди дека конзервативците имаат подобар секс од либералите, и „The Right Stuff“, која ја основаа советници на Доналд Трамп.
Во суштина, екстремната десница стана мејнстрим во Франција, тврди Симонс, што докажува „Droite au Coeur“.







