Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, во „Студио 10“ на ТВ24, зборуваше за буџетот на одбраната за 2023 година и за имплементацијата на сите придобивки за припадниците на Армијата неодамна изгласани во Собранието.
Таа истакна дека целосно се имплементира планот за раст на одбранбениот буџет и дека тој ја отсликува реалноста во однос на економијата.
„Во изработката на буџетот за 2023 година ги имавме предвид потребите на Министерството и на Армијата, тој е поголем од ланскиот и се доближува до крајната цел – одвојување на 2 проценти од БДП за одбраната до 2024 година“, рече министерката и дополни дека овие средства како и досега, ќе ги користат разумно и рационално.
Петровска, меѓу другото, спомена дека припадниците на Армијата со новите законски решенија добиваат многу придобивки кои ги немале досега. Дијалогот преку кој е дојдено до ова решение, истакна таа, бил спроведен во еден инклузивен процес, со сите четири синдикати во Министерството и во Армијата и со вработените.
Министерката одговори и на неиздржаните обвинувања од пратеник во Собранието, при што истакна дека во предлог-законското решение усогласена била одредбата од зголемување на платите на припадниците на Армијата за околу 2.000 денари, и дека финансиските обрасци кои се содржани во Законот го покажуваат токму тоа.
„Законот кој го донесовме, претходно во една слична форма беше блокиран во Собранието повеќе од една година. Овој Закон кој денеска е реалност, има бројни придобивки – дава можност за избор за професионалните војници кои по 45-тата година старост ја напуштаат Армијата, а го предвиди и покажувањето на платите. Кога започнавме со имплементација на Законот, се воочи дека не е направена соодветна пресметка, но повторно заедно со синдикатите најдовме решение кое го почитува она што беше претходно договорено. Синдикатите стојат зад ова решение, впрочем од минатонеделната средба имавме и заедничко соопштение токму на оваа тема“, заклучи Пстровска.






