Поранешната војничка и џудистка, Рина Гонои, служела во Јапонската армија две години пред да ја напушти позицијата поради физичкото и вербалното сексуално вознемирување кое го трпела секојдневно.
Во јуни 2022 година, таа ја напушти армијата и си вети дека насилниците ќе ги изведе пред лицето на правдата, пишува Си-Ен-Ен.
Кога злоставувањето го пријавила кај воените власти, биле покренати две истраги, кои биле отфрлени поради недостиг на докази. Се обратила и до телевизиски куќи но и тие ја игнорирале, а потоа ја започнала својата борба на социјалните мрежи.
„Сакав да им помогнам на другите кои се сексуално малтретирани во војската. Ги замолив сторителите да се извинат и да признаат што направиле, проговорив за да ги спречам другите да го поминат тоа низ што поминав јас“, рече Гонои.
Борбата на Гонои за да не биде замолчена предизвика широка истрага за сексуално вознемирување во војската, при што новите откритија резултираа со ретко признавање на вината и јавно извинување од јапонското Министерство за одбрана.
Пет војници се отпуштени, а четворица се и казнети. Од некои војници примила лични извинување кои ги смета за недоволно за се што преживеала, па сега води кривична постапка по судовите. На почетокот на годината поднесе тужби против владата и напаѓачите, од кои тројца се обвинети за злоупотреба, а државните правобранители во Јапонија не објавија информации за случајот, а не се оглесија ниту обвинетите.
Во граѓанската постапка четворица од петмината обвинети негирале сексуална злоупотреба, додека петтообвинетиот ја признал вината.
Без оглед на исходот од тужбите, Гонои верува дека постои поголема битка против сексуалното вознемирување во војската во која доминираат мажи.
Изговори
Јапонија се наоѓа на дното на скалата на земјите од Г7 и е на 116 место од 146 земји според индексот за родова нееднаквост на Светскиот економски форум.
Искуството на жената војник може да биде многу штетно за јапонската војска, која вложи многу напор во промовирањето на сликата за себе како институција која промовира родова еднаквост.
Фумика Сато, социолог на Универзитетот Хитоцубаши, вели дека многу жени се приклучуваат на војската затоа што веруваат дека таа нуди поголема безбедност и родова рамноправост од приватниот сектор.
„Жените ја избираат војската затоа што мислат дека тоа е организација која искрено ќе ги препознае нивните способности, ретко се вклучуваат за да ја заштитат земјата“, рече Сато.
И покрај имиџот на јапонската војска, Сато вели дека сексуалното вознемирување во војската долго време се крие бидејќи на луѓето во војската им е тешко да ја признаат својата ранливост.
Недостаток на луѓе
Исповедта на Гонои исплива во моментот кога војската се соочува со недостиг на нови регрути, што е спротивно на политиката на земјата која се обидува да ја зголеми својата војска во услови на зголемени тензии со Северна Кореја и Кина.
Минатата година, Јапонија објави дека ќе го зголеми буџетот за одбрана за 2023 година на рекордни 55 милијарди долари, што претставува зголемување од 26 отсто.
Експертите тврдт дека привлекувањето жени ќе биде клучно за постигнување на целите на Токио.
Армијата има потреба од околу 250.000 припадници, за што им недостигаат околу 16.000 војници – експертите сметаат дека овој недостиг ги ограничува нивните оперативни способности. Службата со години се обидуваше да го поттикне уписот на жените во војска, па воведе програми за подигање на родовата свест и градинки за децата на вработените, но тоа се уште не е на просечно ниво на НАТО.
Според податоците на Министерството за одбрана, во март 2022 година во јапонската армија имало 20.000 жени, што е околу 8 отсто од вкупните сили, додека просекот на НАТО од 2019 година е дури 12 отсто.
Уништен сон
Како девојче, Гонои ги доживувала војниците како херои и порасна со желба да биде како нив, откако офицерки ѝ дојдоа на помош после смртоносниот земјотрес и цунамито во Тохоју во 2011 година кои го опустошија нејзиниот роден град.
Години подоцна, касарната во Фукушима стана хорор за младата војничка.
„Ќе ми коментираа за моето тело и големината на моите гради или ќе ми пријдеа во ходникот и наеднаш ме прегрнуваа.
Капката што ја прелеа чашата се случи во август 2021 година, кога бев прикована на подот во спалната соба додека неколку високи офицери симулираа сексуален однос. Тој инцидент ме убеди да се јавам и да ги пријавам напаѓачите“, изјавила девојката.
Надворешната истрага беше отфрлена поради недостиг на докази затоа што никој од машките офицери кои беа очевидци на сексуалниот напад не сакале да дадат изјави за настанот.
Кога видела дека нема друг избор, во јуни 2022 година, ја напуштила работата.
„Кога ќе проговорите за тоа што се случило, постои голем ризик да бидете претепани и луѓето да почнат ве клеветат.Дури кога беше наредена втора истрага, тие признаа се што сум поминала“, тврди Гонои.
На конференцијата за новинари која беше одржана минатата година таа рече дека тројца сторители клекнале на колена и и се извиниле, ги признале своите дела, а некои дури и плачеле.
На суд, само еден од петмината сторители ја признал вината, што ја растажи особено затоа што сметаше дека извинувањата се искрени. „Кога отидов во армијата, имав многу соништа за тоа што сакам да постигнам. Ако целосно го истражеа мојот случај, можев да останам таму. Вистината излезе на виделина предоцна. Мило ми е што можев да и служам на земјата, не беше се лошо. Сега сакам само да живеам што е можно понормално“, рече таа.
(Фото: Профимедиа)







