Во стравичниот пожар во централна Португалија, кој наводно, го предизвикаа неколку удари од гром во сувата вегетација, животот го изгубија 62 лица, а повеќе десетици се повредени.
Еден од среќниците кои успеаја да извлечат жива глава од пламените јазици беше Герет Робертс (36), Британец, кој последниве четири години живее во Португалија.
„Се враќавме од годишен одмор од шпанскиот град Кардиз и бевме на 50 минути од нашата куќа. Возевме низ олуја, а кога времето се смири, видевме чад. Изгледаше прилично грозно, но немав претстава колку додека не се приближивме. Се најдовме во селото Мо Гранде крај автопатот ИЦ8 од кој не пренасочи полицаец, исто како и другите возачи. Додека се возевме по планинаскиот пат можевме да го гледаме огнот како пламти, малку на едната страна од долината, па малку на другата. Ветерот дуваше силно и фрлаше гранки на нашиот автомобил, но не смеевме да запреме затоа што чуствувавме врелина.“
„Одеднаш видовме оган од десната страна на возилото. И за 10 до 15 секунди пламенот се префрли на другата страна од патот. За триесетина секунди се околу нас гореше. Можев само да продолжам да возам низ огнот. Се беше во темница. Стигнавме во едно мало село каде што не опколи оган. Видов една девојка и ја прашав за патот. Ми рече: ,Нема пат, ова е крај.‘ Чекавме само да умреме“, раскажува Робертс кој, вели, тогаш на своите родители им испратил порака дека се среде оган и дека им дошол крајот, дека им немало спас.
„Беше таму човек кој ја прскаше својата куќа и местото пред неа со вода и не викна да влеземе внатре. Внатре влезе неговата мајка и уште ние десетина и буквално ни го спаси животот. Да не беше тој сите ќе бевме мртви“, изјавил Робертс за Би-Би-Си.
„Во текот на вечерта уште луѓе пристигнале во куќата, се собирале таму каде што постоеле знаци на живот“, раскажал Робертс и додал дека можеле да го слушнат огнот, а сцената ја опишал како „огнено торнадо“.
„Не се срамам да признам: Се молев, сите се молевме. Не сум религиозен, но во тој момент не можеш ништо освен тоа. Почнав да плачам и ме преплавија емоции.“
Кога пожарот почнал да слабее излегле од куќата за да видат што останало од селото. За чудо, нивната и соседната куќа не изгореле. Рушевината крај куќата го препречила огинот и го насочила во друга насока, а неговиот автомобил останал во возна состојба.
„Глетката беше застрашувачка. Луѓето беа избезумени, а остатоците од куќите гореа без контрола. Кога огнената стихија запре, почуствувавме олеснување и почнавме да плачеме“, раскажува Робертс.
По автопатот на кој загинаа повеќе луѓе си заминале дома, а сцените кои по пат ги видел ги опишува како пекол на земјата.
„Немаше полиција, пожарникари, немавме телефони, немаше интернет… сета помош ја добивме од жителите на селото. Ако тие не покажеа таква гостопримливост, не ќе бевме живи. Сакам да им заблагодарам затоа што ми го спасија животот. Требаше да умреме, заклучи тој.















