Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални почина на 16 февруари, додека отслужуваше 19-годишна казна во затвор со максимална безбедност северно од Арктичкиот круг. Овој затвор, познат како „Поларен волк“, има озлогласена репутација. Новинарите на „Медуза“ разговарале со поранешни затвореници кои таму ја отслужувале казната.
Управата на воспитно поправната установа број 3 извести за смртта на Навални на 16 февруари. Тој, наводно, изгубил свест по прошетката и реанимацијата не дала резултат, иако болничарите пристигнале за помалку од 10 минути. Изјава за неговата смрт се појави на веб-страницата на Федералната затворска служба два часа по прогласувањето на смртта, во која се наведува дека се утврдуваат причината за смртта.
Од друга страна, руската пропагандна мрежа РТ брзо објави дека Навални починал од згрутчување на крвта.
„Кога прочитав дека наводно умрел од згрутчување на крвта, им реков на моите момчиња: „По ѓаволите, го убија!“, вели еден поранешен затвореник на ИК-3 за својата реакција на смртта на Навални.
Тој поминал околу пет години во тој затвор, а пуштен е во средината на 2023 година. Две од тие пет години ги поминал во самица, во изолиран дел од затворот резервиран за затвореници „под строги услови на притвор“.
„Целата единица е покриена со габи, вклучувајќи го и ходникот. Таму печурки растат на подот“, вели овој поранешен затвореник кој, како и другите соговорници на Медуза, се согласил да зборува под услов да остане анонимен.
Постојат делови резервирани за затвореници кои се под уште построги ограничувања. Тоа е една ќелика (ЕПКТ) каде што затворениците се испраќаат за да бидат казнети за постојано прекршување на затворските прописи. Навални беше префрлен во тој оддел во септември 2023 година, а требаше таму да помине една година.
И рускиот опозициски политичар Владимир Кара-Мурза, осуден на 25 години затвор поради спротивставување на војната во Украина, отслужува казна наводно таму е префрлен во јануари.
Еден активист за човекови права ја опиша ЕПКТ како „посебен затвор во затвор“.
Уште еден поранешен затвореник во ИК-3, кој бил пуштен во 2022 година, рече дека тој Оддел е толку изолиран што дури ниту другите затвореници не знаат кој се држи во него.
Затворениците кои се држат во ЕПКТ, исто така, можат да бидат ставени 15 дена во самица, како казна за некакво идно кршење на прописите.
Експерт од групата за права на затворениците „Русија зад решетки“ вели дека таа врста на казна е секогаш мачење. Навални, од неговото донесување во затворот па се до неговата смрт, во самица би ставен дури 27 пати.
На затворениците во казнената изолација дозволено им е да шетаат по еден час дневно, а тоа се вели дека се одвива во мали вежбални со мрежа на врвот. Изворите на „Медуза“ наведуваат и дека во еден момент биле отстранети камерите кои гледале во дворот.
„Таму можеш некого да силуваш, да убиеш… можеш се да направиш“, рекол еден поранешен затвореник кого други затвореници во дворот за вежбање го претепале.
Тројца поранешни затвореници раскажале за „Медуза“ дека тие што се во казнените самици ги носат на прошетка рано наутро.
„Сами сте во дворот освен ако не е донесен некој ‘кодош’ за да ви се придружи“, објасни еден поранешен затвореник кој беше ослободен во 2023 година.
„Медуза“ не успеа да ги дознае деталите секојдневието на Навални, ниту да одреди во кој точно дел од затворот бил. Но, претходно, самиот Навални напиша за излегување на прошетка во 6.30 наутро.
Поранешните затвореници од ИК-3 кои разговараа со „Медуза“ се сомневаат во тврдењата на затворот дека медицинскиот персонал веднаш му дошол на помош на Навални. Тоа го нарекоа „нереално“.
Еден поранешен затвореник ослободен во 2018 година вели дека не видел ниту еден случај во кој лекарите излегле од медицинскиот Оддел заради лекување осуденик кој се разболел.
„Пациентот го носат до местото за укажување лекарска помош. Обично без било што да те прашаат ќе ти дадат таблета. Таму немаше медицинска заштита“, рече тој.
И други поранешни затвореници го истакнуваат недостигот на соодветна медицинска нега и се жалат на односот на медицинскиот персонал. Некои тврдеа дека работите се смениле на подобро по промената на персоналот, но други не се согласуваат со тоа.
„Медицинскиот персонал вели дека има лекови и дека кон осудените се однесуваат онака како што тие би сакале некој да се однесува кон нив, но тоа е с..ње“, рекол еден поранешен затвореник.
Еден од нив тврдел дека еднаш во знак на протест проголтал метален предмет, а после тоа му била скратена можноста за лекарска помош.
„Хирургот ги одби моите барања за да ме задржат во болница. За малку ќе станев инвалид“, раскажа екс-затвореник и додавал дека смета оти неработењето на затворскиот персонал било намерно.
„Намерно ги одбиваа моите барања за да дојде до компликации, пукање на цревата и моја смрт“, рече тој и додаде дека бил опериран дури откако излегол од затвор.
Имаше и случај во кој едно лице отиде во медицинска единица заради болка во градите. Му дадоа таблета и еден ден мирување, но следното утро тој човек не би се разбудил.
Лекарот кој ги советувал соработниците на Навални смета дека згрутчувањето на крвта во неговиот случај е малку веројатна причина за смрт.
Активистите за човекови права и адвокати, исто така, фрлаат сомнеж во ова, како и на тврдења дека брзо му била укажана лекарска помош.
Казнената колонија ИК-3, сместена во Харп во регионот Јамало-Ненеско, се наоѓа во Арктичкиот круг на околу 1.900 километри североисточно од Москва и се смета за еден од најлошите затвори во Русија.
Затворот во кој беше Навални во советско време бил познат како „Гулаг 501“, а го знаат и по прекарот „Поларен волк“. Основан е во 1961 година и е еден од 700-те активни работни логори во кои се затворени 266.000 затвореници.
Управителот Вадим Калинин е на чело на ИК-3 од март 2021 година. Една публикација објави дека во 1999 година, Калинин бил обвинет за злоупотреба на службената положба со тешки последици, што е кривично дело, но бил амнестиран.
Двајца поранешни затвореници раскажале дека тој во 2000-тите работел како заменик началник за безбедност и операции во еден казнено-поправен дом во регионот: Поправниот дом бр.8.
„Пред него ИК-8 беше под ‘арамиски’ правила. Потоа влезе тој и го претвори во ‘црвен’ режим“, изјавил еден извор за Калинин.
„Црвено“ е жаргонски израз што се користи за опишување на руски затвор во кој властите спроведуваат целосна контрола.
Калинин, наводно, дал оставка во 2011 година, после истрагата за, наводна, изнуда на пари од затвореници, но кривичната постапка против него подоцна била запрена и затворена.
Го нарекувале „крволочен“ и „тотален манијак“ и се тврди дека за него законите не важеле.
Поранешните затвореници се потсетија на суровоста во време кога тие таму ја отслужувале казната.
„Ме фрлија на под и почнаа да ме удираат. Не знам колку траеше. Наутро, за ручек и вечера, ми носеа корка црн леб. Ме тепаа, ми се закануваа, ме тераа да потпишам еден куп хартии… Вработените доаѓаа и не удираа со електрошокови, некои ги тепаа и со бејзбол палки.“
Секој обид за отпор кон затворската управа строго се казнува. Еден затвореник рекол дека, откако се пожалил на управата, го тепале се додека не сфатиле дека не можел да се движи.
„Ми беа скршени ребрата, речиси и ме силуваа“, изјавил тој за „Медуза“.
Додаваат и дека психичкиот притисок е неподнослив.
„Бев таму и гледав кога луѓето се обидуваа да се обесат, да си ги исечат вените…“
Активистите за човекови права истакнуваат дека „згрутчувањето на крвта“ како причина за смртта е „универзална дијагноза која тешко може да се докаже“.
„За починатите во ИК-3 е забрането да се зборува. Тоа е табу тема. Ако некој исчезнеше или отиде во стационарот и од таму го нема подолго време да се врати, значи е дека е мртов“, вели еден поранешен затвореник.
Општо правило е дека затворските службеници мора да го известат семејството за смртта на затвореникот во рок од 24 часа. Телото потоа се носи во најблиската мртовечница од каде членовите на семејството можат да го превземат.
Но, семејствата од таму земаат малку тела затоа што тоа е многу скапо. Најблискиот аеродром е во Салехард, на околу 50 километри од затворот.
Патот кој води до воспитно поправната установа ја минува реката Об и нема мост. Во лето единствена опција за премин е скела, а во зима заледениот пат. Ако никој не дојде по телото на починатиот затвореник, тие го закопуваат на локалните гробишта. Гробовите обично им се означени со дрвени крстови, а имињата им се нечитко напишани на парче мермер.
(Фото: Профимедиа)







