Ќе бидам претседател на сите, ќе бидам поддршка на Владата за сите важни проекти и ќе и забележувам и ќе сугерирам, ќе бидам сојузник во интересите на граѓаните, ќе бидам пртеседател на државата од кој нема да се срамите, порача вечерва претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски по
објавувањето на резултатите од вториот круг на претседателските избори на кои тој води со над 55.000 гласови повеќе од противкандидатот.
„На овие избори одлучивте да продолжиме заедно напред. Денеска беше нашата достоинствена Македонија, нашиот мудар народ, ова е победа на мнозинството граѓани на Република на Северна Македонија кои независно од етничка или политичка припадност се обединија и рече продолжуваме напред и никогаш повеќе режим. Денес победија граѓаните и свечено сакам да објавам дека ќе служам посветено на сите“, истакна Пендаровски.
Исходот на овие избори, рече, е загарантиран патот напред, напред за сите како држава и напред кон ЕУ и НАТО и еконмски развиениот свет каде што припаѓаме.
„Исходот од претседателските избори во нашата земја е поголем успех затоа што овие избори се победа на обединувањето и заедништвото. Се придружувам на водството во оваа држава за евроатланска Република Северна Македонија. Ќе се залагам за правна држава и ќе стојам зад секој чесен граѓанин, ќе обединувам нема да делам. Ќе бидам фактор на стабилност, а не фактор на кризи“, порача Пендаровски.
Тој се заблагодари на премиерот Зоран Заев и целата влада како на 31 политичка партија кои, како што рече, сите заедно стојат зад овој концепт.
Посебна благодарност упати кон Гордана Сиљановска и Блерим Река за учеството и придонесот на демократските избори.







