Претседателот на државата, Стево Пендаровски, ќе има средба со претставници на Македонците кои живеат во Бугарија, објави „Фокус“, повикувајќи се на свои извори.
Партијата на македонското малцинство во Бугарија, ОМО Илинден Пирин доставила барање до Пендаровски за средба, на кое тој позитивно одговорил.
Од Кабинетот на претседалот потврдуваат дека тој прифатил средба со ОМО Илинден Пирин, но дека не се знае кога точно ќе се случи тоа.
И копретседателот на партијата на Македонците во Бугарија, Стојко Стојков, потврдува дека побарале средба и дека за тоа добиле позитивен одговор од Пендаровски.
Тој во изјава за „Фокус“ вели дека поради ковид ситуацијата датумот треба дополнително да биде утврден.
Претходно, во интервју за „Фокус“, Стојков рече дека не очекуваат покана за средба со некој од македонските државници, а и нема такви најави.
„Би биле многу изненадени, ако добиеме покана. Македонските државници и политичари немаат таков обичај. Никогаш немале. Грижата за Македонците надвор од Македонија не им е приоритет. Освен тоа не очекуваме покана ниту од бугарските институции. А тие би требало да не канат – ние сме државјани на Бугарија“, рече тогаш Стојков.
(Фото: МИА)







