„ЕБРД го сопрела кредитот што требаше да го земе Македонија за справување со енергетската криза во вредност од 100 милиони евра, бидејќи законот за негово одобрување предолго е блокиран во Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, во емисијата „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“.
Пенов рече дека за ова бил информиран на последната седница на Владата.
Според него, ЕБРД не сакала парите да стојат „мртви“ на сметка, наменети за Македонија, па решила да ги пренасочи за други потреби, бидејќи предолго време парламентот не носи одлука за овој заем.
„Во парламентот, како што знаете, е заглавен законот за одобрување на кредитот од ЕБРД од 100 милиони евра со кој треба да се решава ‘дисбалансот’ во енергетиката. Вчера стигна информација на седницата на Владата дека ЕБРД ги повлекла средствата, бидејќи не може повеќе да ги држи мртви, дека ние не пројавуваме интерес и не ги сакаме, па ги пренаменила за друга држава. И, што правиме сега?“, праша Пенов во интервјуто.
Според него, со оваа одлука на ВМРО-ДПМНЕ, да го блокира законот, практично секој граѓанин е казнет со по 500 евра, токму во момент кога сите се жалат дека не можат да се справат со високите цени за енергијата. За забелешката дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го условуваше земањето на овој кредит со отчет каде ќе се трошат овие пари Пенов одговори:
„А, проблем ли беше отчетот да се направи после? Ако влезеа 100 милиони евра во македонската економија, без оглед дали ќе беа потрошени за општините или за дисбалансот на цените, сите ние ќе живеевме подобро. Со откажувањето на овие 100 милиони евра секој граѓанин во државава е казнет со 500 евра. Да не го споменувам индиректниот ефект од вртењето на парите во економијата“, рече Пенов.
ЕБРД го одбори кредитот во јуни годинава и оттогаш трае политичката игра околу неговото изгласување во парламентот. ВМРО-ДПМНЕ не дозволи законот да се усвои, обвинувајќи за корупција во ЕСМ, иако трошењето на овие пари требаше да го контролира Европската банка за обнова и развој.
Во соопштението што го објави ЕБРД по објавувањето на одлуката стои дека кредитот ќе биде за поддршка на ликвидноста на компаниите во справувањето со енергетската криза што ја погодува Македонија.
„Обезбедените финансиски средства за ликвидност ќе се користат како обртен капитал за финансирање плати, сервисирање на долгот и други административни трошоци на клиентот и не е поврзано со какви било нови еколошки или социјални ризици или влијанија. ЕСМ е постоен клиент на банката со добри резултати и ја докажа својата способност да се усогласи со барањата на банката за време на тековните проекти“, се вели во објавата на меѓународниот кредитор.
Станува збор за кредит со камата под еден процент, исплата на шест години и грејс-период од шест месеци.







