Германскиот производител на пиво „Радебергер“ објави дека ќе ја затвори фабриката во Франкфурт поради драматично зголемување на трошоците.
„Најдоцна до октомври 2023 година, Групацијата ‘Радебергер’ ќе ги прекине активностите за производство и полнење во Франкфурт, односно во пиварницата ‘Биндинг’, и постепено ќе ги префрли брендовите и количините кои таму се произведуваат и полнат на сестринските локации“, информираа од компанијата.
Околу 150 работници треба да останат без работа, а од фирмата истакнуваат дека, „секаде каде што е можно, бараат општествено прифатливи решенија“, како што е скратено работно време за постари работници и работа во други погони.
Седиштето на Групацијата „Радебергер“ останува во Франкфурт. Поради драстичното зголемување на цените на суровините, енергенсите и логистиката, фирмата веќе ги зголеми цените на пивото, но тоа не ги реши проблемите на подолг рок, потенцираат оттаму.
„Со оглед на актуелните кризи, огромниот товар со кој се соочуваат германските производители на пиво и, на крајот, но не и најмалку важно, драматичната експлозија на трошоците со која ние како индустрија треба да се справиме, ситуацијата, за жал, стана неодржлива“, рече портпаролот Гидо Мокел.