Републиканката Карен Хендл однесе победа на вонредните конгресни избори во американската сојузна држава Џорџија, кои многу политички аналитичари ги доживеава како референдум за претседателот на САД, републиканецот Доналд Трамп, наведува „Глас на Америка“.
Со победата на Хендл над нејзиниот демократски противник, 30-годишниот Џон Ософ, завршена е најскапата конгресна трка во американската историја, во која двата изборни штаба и нивните соработници заедно потрошија околу 50 милиони долари.
Хендл во победничкиот говор се заблагодари на Трамп и на другите републикански лидери, а потоа се осврна на минатонеделниот вооружен инцидент во кој беше ранет конгресменот Стив Скалис, повикувајќи на стивнување на гневот во американската политика.
„Мораме да ја издигнеме оваа нација за да пронајдеме поцивилизиран начин за решавање на своите несогласувања. Во оваа земја, во овие Соединети Држави, никому не смее да му биде загрозен животот поради неговите политички уверувања“, рече оваа републиканка.
Вонредните избори распишани се затоа што во февруари конгресменот Том Прајс поднесе оставка кога претседателот Трамп го именуваше за секретар за здравство.
Републиканците го контролираат округот во близина на Атланта од кога претседавачот на Претставничкиот дом, Њут Гингрич, прв пат победи во него во 1979 година.
„Гласот на Америка“ наведува дека демократите сепак веруваа дека може да дојде до пресврт, имајќи го во вид брзиот пад на популарноста на Трамп и фактот дека ја порази демократската кандидатка за Белата куќа, Хилари Клинтон, за само еден отсто од гласовите во тој округ на претседателските избори во ноември минатата година.







